Во втората тема „Социо-географски карактеристики и регионална поделба на Европа“ во лекцијата „Основни карактеристики на населението во Европа“ се наведува: „Народи од жолтата раса во Европа се: Финците, Унгарците, Турците, Татарите и други“

По скандалот со новиот учебник по Историја и општество за петто одделение, на социјалните мрежи почнаа да се шират реакции и за содржините што ги има во учебникот по Географија за осмо одделение.
Во втората тема „Социо-географски карактеристики и регионална поделба на Европа“ во лекцијата „Основни карактеристики на населението во Европа“ се наведува: „Народи од жолтата раса во Европа се: Финците, Унгарците, Турците, Татарите и други“.
Учебникот по Географија за осмо одделение е од 2020 година и е на авторите д-р Коле Павлов и проф. д-р Горѓи Павловски. Рецензенти се проф. д-р Мирјанка Маџевиќ како претседател и Сузана Јакимовска и Васко Лазаревски како членови.
Минатата недела беше објавено дека во учебникот по Историја и општество за петто одделение во Тема 2 – „Населението и за континентите“, децата учат дека највисокиот врв на светот, Монт Еверест на Хималаите, е висок 29 305 метри. Монт Еверест е висок 29 305, ама не метри, туку стапки. Ако стапките се претворат во метри, се добива точно 8 849 метри.
Исто така, во Тема 2 – „Населението и континентите“, во делот каде што се опишуваат географските карактеристики на Македонија, наведено е дека земјава на исток се граничи со Република Албанија, а на запад со Република Бугарија.
Северниот и јужниот сосед се правилно напишани, Србија и Косово на север и Грција на југ.
По многуте реакции во јавноста за повеќе катастрофални грешки во учебникот по Историја и општество за петто одделение, авторките Анита Ангеловска и Гликерија Илиоска преку социјалните мрежи дадоа објаснување дека грешките биле технички, а тие не можеле да го прегледаат учебникот пред печатењето.
Вчера ресорниот министер Јетон Шаќири кој кажа дека до почетокот на второто полугодие сигурно ќе се најде решение за спорниот учебник.
„Треба да се утврди дали освен овие забелешки кои досега беа пријавени има и други забелешки и да се утврди дали се тие технички или содржински. Ако се утврди дека во учебниците има помалку од 30 отсто грешки, тогаш ќе се коригираат и ќе се вратат во употреба. Ако има над 30 проценти грешки ќе заземеме став дека учебникот ќе биде повлечен“,
изјави министерот Шаќири во гостувањето на Телевизија 24.