Некои аналитичари веруваат дека е можно Турција да се противи на членството на двете земји во обид да бара отстапки и од другите членки на НАТО
Претставници на Шведска и Финска денеска се среќаваат со претставници на турските власти за да разговараат за нивните барања за влез во НАТО, пренесуваат повеќе светски медиуми.
Двете земји ги поднесоа своите барања за приклучување кон Алијансата по руската инвазија врз Украина, а за одлуката за прием им е потребна согласноста на сите 30 членки на НАТО.
Но, Турција се спротивстави на нивните барања за влез во Алијансата. Претседателот Реџеп Таип Ердоган ги обвини двете земји дека на своја територија им даваат засолниште на поддржувачи на курдската сепаратистичка милитантна група ПКК.
Шведска и Финска воведоа санкции кон Анкара во 2019 година по воениот упад во Сирија, каде што се активни некои курдски милитанти.
Некои аналитичари веруваат дека е можно Турција да се противи на членството на двете земји, во обид да бара отстапки и од другите членки на НАТО.
Шефот на финската дипломатија изјави дека се надева оти двете страни би можеле да ги разјаснат разликите.