На 10 септември, актуелниот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски на прес-конференција изнесе обвинувања кон ексминистерот Љупчо Николовски дека додека бил на чело ова Министерство овозможил две фирми незаконски да добијат државни субвенции од илјадници евра. Една од фирмите што тој ги спомена беше „ДЗС Илинден АД Скопје“, во врска со која е поднесена кривичната пријава
Управата за финансиска полиција попладнево соопшти дека до Основното јавно обвинителство Скопје поднела кривична пријави против три службени лица во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).
Трите службени лица, од кои едното е поранешен функционер, според соопштението, се сомничат дека не постапиле согласно своите овластувања и надлежности во врска со постапката за раскинување на договор и одземање на државно земјоделско земјиште од фирмата „ДЗС Илинден АД Скопје“.
Со тоа, како што се наведува, му овозможиле на акционерското друштво незаконски да продолжи да го користи земјоделското земјиште во сопственост на државата и да користи финансиски средства од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој за период од 2021 до 2024 година, во износ од 15 052 001 денари или околу 245 000 евра.
Според соопштението од Финансиската полиција, првопријавениот како службено лице во Министерството постапувал несовесно така што не изготвил записник за одземање на владението на земјиштето на правниот субјект „ДЗС Илинден АД Скопје“ иако на 7 октомври 2021 година уредно му била доставена изјава за раскинување на договорот за закуп
„Дополнително, првопријавениот несовесно постапувал во вршењето на своите овластувања и должности и како службено лице во Подрачна единица при МЗШВ во период од 16.09.2020 година до 15.04.2022 година на начин што не ја доставил Изјавата за еднострано раскинување на договорот до надлежните служби на МЗШВ – Гази Баба за истата да биде евидентирана во ФАРМ системот и правниот субјект ‘ДЗС Илинден АД Скопје’ да биде избришан од Единствениот регистар на земјоделски стопанства“,
се вели во соопштението.
Второпријавената во случајот, пак, се сомничи дека како службеник во Министерството, во период од 15.04.2022 до 24.08.2022 година, како и од 16.09.2020 година до 15.04.2022 година, изјавата за раскинување на договорот за закуп на акционарското друштво не ја доставила до надлежните служби на МЗШВ-Гази Баба за да биде евидентирана во ФАРМ системот и правниот субјект ДЗС Илинден АД Скопје да биде избришан од Единствениот регистар на земјоделски стопанства.
Третопријавениот, пак, како функционер во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во период од јануари 2022 до ноември 2023 година ги повредил законските прописи и несовесно постапувал во вршењето на своите овластувања со тоа што пропуштил да изврши надзор над комисијата за одземање на владение врз основа на престанок на склучени договори за закуп, формирана од страна на министерот, а во врска со одземањето од владение на државното земјоделско земјиште од „ДЗС Илинден“.
„Третопријавениот, иако бил задолжен да организира и обезбедува законито и ефикасно вршење на работите и задачите, со пропуштање на должен надзор несовесно постапувал во вршење на своите овластувања, односно не преземал дејствија за утврдување на фактичката состојба во однос на одземање на владението на ‘ДЗС Илинден АД Скопје’. Со тоа му овозможил на ДЗС Илинден АД Скопје да прибави корист за себе, и тоа незаконско владение и плодоуживање на државно земјоделско земјиште, како и незаконско користење на финансиски средства од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој за период од 2021 до 2024 година во вкупен износ од 15.052.001,00 денари“,
се наведува во соопштението од Управата за финансиска полиција.
На 10 септември, актуелниот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски на прес-конференција изнесе обвинувања кон ексминистерот Љупчо Николовски дека додека бил на чело ова Министерство овозможил две фирми незаконски да добијат државни субвенции од илјадници евра.
Една од фирмите што тој ги спомена беше „ДЗС Илинден АД Скопје“, која, како што рече, спротивно на законот добила субвенции од државата. Образложувајќи го случајот, министерот тогаш наведе дека иако изјавата за еднострано раскинување на договорот била издадена на 28 септември 2021 година Министерството спротивно на Законот за земјоделско земјиште (член 41 став 5) не доставило примерок од изјавата за раскинување на договорот за закуп по електронски пат до Агенцијата за катастар на недвижности за бришење на договорот за закуп што го имал правниот субјект.
Поранешниот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски тогаш наводите на Трипуновски ги нарече празни обвинувања за праведе театар пред јавноста.
Николовски во својата реакција тогаш образложи дека во МЗШВ имало повеќе од 11 илјади договори за закуп на земјиште и никој министер не може да знае што се случува со секој поединечен договор, па затоа постојат организациски единици задолжени за управување со тие договори.