Во координирана полициска акција вчера биле приведени три лица и запленети околу 100 килограми марихуана, по претходно добиени оперативни сознанија од истрагата во врска со камион во кој пред околу еден месец се транспортирала марихуана, а излетал на патот Скопје-Велес.
Имено, на наплатната станица „Сопот“ на автопатот „Пријателство“ од страна на полициски службеници биле преземени мерки и активности да се запре возило „бе-ем-ве“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Ј.Б., а како сопатник бил неговиот брат С.Б. од село Горно Блаце. Но, возачот не застанал и се обидел да избега, при што оштетил полициско возило и срушил метален столб на Јавното претпријатие за државни патишта.

„По дополнително преземени мерки, возилото е запрено и притоа се лишени од слобода двете лица, а при извршениот преглед во возилото и во багажниот се пронајдени вреќи во кои имало околу 100 килограми марихуана“,
велат од полицијата.
Исто така, приведен е и М.И. од Визбегово, кој имал задача да го обезбедува транспортот на дрогата како т.н. „чистач“.

МВР информира дека при претрес во домот на возачот на возилото, Ј.Б. е пронајдена и една полуавтоматска пушка, за што исто така ќе биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело по член 396 од Кривичниот законик.
Од полицијата велат дека истрагата продолжува и се проширува, и во координација со Основно Јавното обвинителството-Велес се преземат дополнителни мерки и активности за целосно расчистување на случајот и утврдување на инволвираност на други лица во вршење на кривичното дело.