„Тие два проценти доверба што му се доделени на судството уште еднаш се покажа дека не се за џабе“, изјави денеска министерот правда
Се редат прозивките од Владата до Судскиот совет да реагира во врска со вчерашната пресуда во тетовскиот суд.
По премиерот Христијан Мицкоски, и министерот за правда во неговата влада, Игор Филков, денеска изјави оти смета дека Судскиот совет е повикан да реагира за пресудата против обвинетиот што пред речиси три години смртно ја прегази 22-годишната тетовка Теодора Ристовска.

Според Филков, Советот на ова е повикан поради реакциите што во јавноста ги предизвика одлука на судијата Елведин Феради, да го казни со две години затвор обвинетиот Менсур Пајазити.
„Јас ниту смеам ниту можам да ја коментирам пресудата, но она што секако сакам да го искоментирам е реакцијата на јавноста. А реакцијата на јавноста е оној глас на народот којшто е многу битен и којшто треба да допре до секој од нас, вклучително и до Советот којшто е повикан да реагира. Тие два проценти доверба што му се доделени на судството уште еднаш се покажа дека не се за џабе“,
рече министерот за правда одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференцијата со неговиот црногорски колега Бијан Божовиќ.
На прашањето како може да суди судија што се најде под критики и поради сомнежи дека преправал оценки на Државниот универзитет во Тетово за да го исполни просекот да биде слушател на Академијата за судии и јавни обвинители, Филков кусо одговори дека тоа е недозволиво и повторно упати на Судскиот совет, каде што, како што кажа треба да се постави прашањето.
„Апсолутно е недозволиво и затоа работиме на измените (на законите согласно Реформската агенда поврзана со Планот за раст н.з). Она што, за жал, ни се повторува е дека мораме да побрзаме за вакви случаи да нема во иднина“,
рече Филков.
На вчерашната пресуда во тетовскиот суд се осврна и премиерот Христијан Мицкоски, во своето обраќање на конститутивната седница на Меѓуресорското тело за координација на активностите против корупцијата.
Тој јавно побара од Судскиот совет да го разгледа работењето на судијата Елведин Ферати и повторно да се анализира неговата пресуда, бидејќи, како што кажа, тука имаме потфрлање на системот по сите основи.
„Јавно да прашам, има ли некој во државава кој смета дека тука е задоволена правдата. Јас не само што не сметам дека правдата е задоволена, но и како претседател на Владата, како човек и родител на две деца, сум силно разочаран. Ова не е правда“,
рече Мицкоски.
Пресудата за случајот со смртта на младата Теодора Ристовска предизвика жестоки реакции во јавноста. На социјалните мрежи граѓани го искажаа своето незадоволство и гнев од одредената казна, која сметаат дека е преблага, ако се земат предвид последиците на делото.
Разочарување од одлуката изрази и семејството на Теодора и нивната адвоката, Наташа Ѓорчевска, која во изјава за медиумите вчера рече дека олеснителните околности биле повеќе на страната на обвинетиот. Кажа и дека тој не изразил вистинско каење за случајот и наместо тоа, во завршните зборови правел анализи на секој збор и ги напаѓал медиумите.

Судијата Елведин Ферати, кој ја изрече пресудата и ја досуди казната, за судија во тетовскиот Основниот суд е избран во февруари 2020 година, како кандидат од Академијата за судии и јавни обвинители.
Тој се најде под критики поради сомнежи за неговиот интегритет, а во врска со неговите оценки на Државниот универзитет во Тетово. Имено, Државниот просветен инспекторат, лани утврди три оценки во неговото досие биле променети со пречкртување по што скопското Основно јавно обвинителство отвори предистрага.
Сепак, предметот не стигна до повисока фаза на истрага, туку, како што објави денеска „Слободен печат“ е затворен, откако јавниот обвинител ги добил документите кои потврдуваат дека Ферати ги преполагал овие предмети и затоа претходните оценки биле пречкртани во неговото досие.
Инаку, сообраќајната несреќа во која Менсур Пајазити смртно ја прегази 22-годишната Теодора Ристовска се случи во август 2022 година. На првото судење во ноември 2023 година, по признавање на вина, Пајазити беше осуден на три години и шест месеци затвор. По жалба, Апелацискиот суд ја намали казната на две години затвор, па Врховниот суд ги укина двете пресуди на Основниот и Апелацискиот суд и предметот го врати на повторно судење.
По повторениот судски процес судијата Ферати, повторно по признавање вина, го осуди Пајазити на две години затвор.
Право на жалба по пресудата има Обвинителството, а семејството како оштетена страна, има право само за имотно-правно побарување.