Податоците од лабораторијата од клиниката „Жан Митрев“ покажале дека британката мутација на вирусот е присутна во 70 проценти од случаите регистрирани во овој период
Има зголемување на бројот на заболени од ковид-19 во државава. Во овој момент сѐ уште траат испитувањата во лабораторијата во МАНУ каде што се врши анализа на примероци за да се утврди колку од новите случаи се поврзани со британската мутација.
Но, податоците од лабораторијата од клиниката „Жан Митрев“ покажале дека тој е присутен во 70 проценти од случаите регистрирани во овој период.
„Очигледно е дека се зголемува бројот на заболени, а еден дел од ова зголемување на бројките се должи и на присуство на тој сој на вирусот, кој полесно се пренесува“,
вели министерот за здравство Венко Филипче, кој вчера разговарал со претставници на приватната клиника.
Исто така, зголемен е и бројот на пациенти што се хоспитализираат, но според него, не до тој степен да ги загрозуваат болничките капацитети.
Дури и во болниците каде што има значително зголемување на вакви пациенти, како Кавадарци, Прилеп и Охрид има сосема доволен број слободни болнички капацитети.
Поради тоа, тој смета дека во моментов нема потреба од воведување дополнителни рестриктивни мерки, иако таа опција не ја исклучи, ниту денеска ниту вчера, кога спомена евентуални локални и регионални мерки.
„Гледаме и следиме дали овој тренд ќе продолжи на овој начин до тој степен да стане ризик повторно да се оптоварат болничките капацитети и поради тоа што засега нема таква индиција сметаме дека ова е нешто што засега добро се менаџира, но не ја исклучувам таа можност“,
додаде Филипче.