Засега не се размислува за повторно воведување полициски час, рече министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција.
Иако сме далеку од рестрикции во движењето, тие сепак се една од опциите. Исто така, тука е и можноста за скратување на работното време на локалите – мерка што веќе ја воведоа некои европски земји.
„И скратување на работните часови и рестрикција во движењето доаѓаат предвид ако се одлучи дека тоа е мерка што треба да се имплементира. Или таргетирано за почеток во некој регион, општина или некој град, па дури и на територијата на цела држава. Засега сме далеку од сето тоа, но дефинитивно е една од мерките што може да се препорачаат“,
рече Филипче.
На денешната прес-конференција министерот соопшти дека имаме нов рекорден број на нови случаи – 364, а ги објави и новите три мерки што Комисијата за заштита од заразни болести ќе ги предложи до Владата.