Заразената пациентка кај која беше откриен коронавирус е во добра општа состојба, сместена е во одделот за интензивна нега на Инфективната клиника. Има лесна форма на болеста, зафатено е едното белодробно крило и не е потреба механичка вентилација ниту некоја форма на интензивна терапија, информираше вечерва министерот за здравство Венко Филипче.
Заразената пациентка претходно еден месец престојувала во Италија на гости, а при влез во земјава на граничните полицајци не им одговорила точно на прашањата кои се поставуваат во врска со коронавирусот, па министерот апелираше до сите останати патници да даваат вистините одговори.
50-годишната жена, која е заразена, во земјава пристигнала со комбе во кое биле уште девет лица: осум патници и еден возач. Сите, рече Филипче, се идентификувани.
Четворица од патниците во комбето се од Скопје, се наоѓаат на две комшиски локации, останатите петмина, меѓу кои и возачот, се од Струмица.

„Патниците се идентификувани на две места во Скопје, заедно со роднините на пациентката кои ја пречекале, и три места во Струмица. Овој момент веќе се упатени екипи на епидемиолози заедно со претставници на МВР, да се направи соодветната анкета по однапред утврден прашалник за дознавање на податоци со кои се лица овие патници комуницирале во текот на денот. Врз основа на тие податоци, прво вечерва сите ќе останат во домашна изолација под полициски надзор, како што е тоа предвидено во протоколите“,
рече Филипче.
Врз основа на податоците со колку луѓе контактирале овие лица во текот на денот и колку има членови на семејствата ќе се одреди дали ќе продолжи домашната изолација или во текот на утрешниот ден ќе бидат префрлени во претходно одредените инфективни одделенија за надзор. Изолацијата ќе трае најмалку 14 дена.
На нив, првично нема да им се прават тестови зашто, како што информираше министерот, тие можат да бидат лажно негативни.
„Со сите е контактирано телефонски знаеме каде се наоѓаат, во нивните домови се и таму се упатуваат екипите. Тест нема да им се направи, затоа што тоа е целта на изолацијата. Тестот може да биде лажно негативен, не може да претпоставиме колку долго тие биле во котакт со пациентката со која патувале ниту пак дали за толку кратко време може да биде позитивен тестот. Затоа е овој период на инкубација и тоа е целта зошто ќе бидат ставени под надзор, да се следи состојбата и доколу се појават симптоми да се продолжи со лекување“
вели Филипче кој најави дека утре претпладне ќе одржи нов брифинг со новинарите за состојбата со вирусот.
Заразената пациентката има добри шанси да се излечи
Одговарајќи на новинарски прашања за заразената пациентка, министерот Филипче оцени дека таа има добри шанси да се излекува од вирусот.
„Има 50 години, нема претходна состојба која би го компромитирала имуниот систем или некоја состојба на белите дробови. Мислам дека е во групата на пациенти која има исклучително добри шанси да се излечи во периодот што следи“,
рече министерот.
Пациентката, посочи тој, се лечи со антибиотка и симптоматска терапија со оглед на тоа дена никаде во светот во моментов нема терапија за коронавирус.
Повикувајќи се на глобалните состојби со овој вирус, Филипче посочи дека тој е најопасен за повозрасните лица кои имаат хронични проблеми со белите дробови.
„Околу 80 проценти од досегашното искуство од близу 80 000 заболени во светот одат кон целосно излекувани, кај 15 проценти има некои компликации, кај 5 има сериозни компликации и смртноста е околу два проценти. Ова се груби бројки бидејќи има многу варијации, но тоа што со сигурност знаеме е дека е исклучително опасен вирусот за постари лица кои имаат претходни хронични состојби на белите дробови“,
рече министерот.