Во овој момент нема потреба од дополнителни рестрикции, изјави министерот за здравство Венко Филипче.
Тој вели дека мерките што се препорачани минатата недела, а за кои владата вчера одлучи дека треба да се прават законски измени за да може да се применуваат, најдобро е да се имплементираат преку амандмани на Законот за заштита на населението од заразни болести.
Овој Закон, вели Филипче, е веќе во собраниска процедура за други измени, и најдобриот начин е пратениците да поднесат амандмани со кои ќе го отвори патот за спроведување на трите препорачани мерки: задолжителни маски на отворено, забрана за групирање на повеќе од 4 лица по 22 часот и рестрикции за собори во домашни услови односно едно домаќинство да може да прима најмногу по четири гости.
„Од формално-правен аспект треба да се промени Законот затоа што сите овие мерки се регулираа со уредба со законска сила која се донесе при крајот на вонредната состојба и за да може ова да се спроведе сега мора да се направат законски измени. Најдобар начин е да се направи преку амандмани на законот што е веќе во собраниска процедура за друга работа. Разговаравме со пратениците, во текот на денешниот ден имаме уште некои консултации како ќе се спроведе тоа со цел за кратко време да ја имаме оваа промена во сила. Ќе нагласам повторно, во овој момент нема потреба од други рестрикции“,
вели Филипче.
Ако дојде до потреба за нови рестрикции, следните чекори би биле редуцирање на бројот на луѓе во јавниот превоз, ограничување на работните часови итн.
Министерот уверува дека има план и капацитет системот да се справи со зголемениот број на пациенти. Тука се модуларните болници, а исто така како ковид-центар понатаму би се користела и детската болница во Козле бидејќи таму капацитетите не се искористени до крај, со оглед дека досегашното искуство покажува дека децата што се заразуваат имаат лесна клиничка слика и никогаш не се случило да бидат хоспитализирани повеќе од пет дечиња.
„Ние тврдиме дека можеме апсолутно сите пациенти да ги изменаџираме со третман во јавно-здравствените установи. Имаме план, не само за скопските општини туку и за другите градови“,
вели Филипче.