Филипче се потпиша во книгата на жалоста што беше отворена во Паркот на револуцијата и се поздрави со родители на загинатите во пожарот
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче денеска присуствуваше на одбележувањето на годишнината од пожарот во Кочани, каде што им оддаде почит на прерано згаснатите млади животи.

Како и другите присутни претставници на политичкиот естаблишмент, и тој на реверот носеше закачен беџ со натпис „Кочани 16.03.2025 г.“, датумот кога се случи пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во кој загинаа 63 млади луѓе, а повеќе од 200 беа повредени.
„Денеска во Кочани оддаваме длабока почит кон прерано згаснатите млади животи. Не постојат зборови што можат да ја опишат болката и тагата на семејствата кои ги загубија своите најмили. Сочувство кон родителите и нивните најблиски. Нека им е вечен споменот“,
напиша тој на Фејсбук.
Филипче се потпиша во книгата на жалост што беше отворена во Паркот на револуцијата и се поздрави со родители на загинатите во пожарот.
Во првиот ред во Паркот на револуцијата, каде што утрово се служеше молитва за упокоените во трагичниот настан, беа претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давков и премиерот Христијан Мицкоски.
Претставниците на политичката, академската и општествената заедница беа дел од комеморативниот настан „Ден на сеќавање – 16 март 2025“, каде во тишина и длабока болка се одбележа првата годишнина од страшната трагедија.

Пред преполната сала, семејствата, пријателите и сограѓаните им оддадоа почит на изгубените млади животи, порачувајќи дека раните не само што не се затвораат туку стануваат подлабоки и пострашни.
„Изгубивме идни инженери, доктори, бизнисмени, наставници, занаетчии, работници, идни мајки и татковци. Изгубивме цела генерација млади луѓе, кои требаше да бидат иднината на нашата држава“,
беше кажано на настанот.
Беше упатен апел за поголема будност и неопходност од следење на доброто, потсетувајќи колку е тенка границата помеѓу животот и смртта.
„Трагедијата што го потресе Кочани е рана за целото наше општество. Таа сите нè направи кревки и ранливи, нè соочи со смртта одблиску и ни покажа колку е тенка границата помеѓу животот и смртта, колку е непредвидлив животот и колку е нужно да се избегнува сето зло на земјата и да се следи доброто, колку сме си важни едни на други и во добро и во зло“,
беше посочено на комеморацијата.
Пред преполната сала во Кочани беа кажани и имињата на сите 63 лица што ги загубија животите: Диме Димитријев, Сара Алексова, Моника Спасова, Тоше Тодоровски, Александар Коларов, Адријан Живков, Александар Алексов, Горги Величков, Јорданчо Џамов, Иван Трајчев, Џоко Горгиев, Александар Глигоровски, Иван Величков, Андреј Стојанов, Ивона Антова, Павел Христовски, Никола Насевски, Тоше Богданов, Ана Коцева, Гордан Петрушов, Игорче Горгиев, Филип Стевановски, Томче Стојанов, Моника Стоименова, Стојанчо Стојанов, Сара Пројковска-Николовска, Марија Шопова, Александар Горгиев, Петар Ивановски, Бојана Закова, Матеј Марковски, Горѓи Василков, Александар Петров, Андреја Горѓиевски, Марија Стрезоска, Александар Ефремов, Лепа Тасева Стојковска, Игор Велков, Божидар Минов, Мартин Атанасовски, Стефанија Соколова, Томас Златков, Кети Милковска, Виктор Јорданов, Андреј Панов, Спиро Стоименов, Јове Владимитов, Стефан Тасевски, Ице Андонов, Александар Стојанов, Сања Христова, Дамјан Танески, Андреј Лазаров, Драгана Минова, Филип Ивановски, Сара Јорданова, Леонид Велков, Надица Наунова, Димитар Иванов и Владимир Блажев.
Во сеќавањето на настанот кој ги потресе Кочани и целата држава рано утрово се одржа собир во спомен на настраданите.
Собирот, организиран од Здружението на граѓани „16 Март 2025“ – Кочани, започна симболично во 2:15 часот пред објектот каде што се наоѓаше т.н. кабаре „Пулс“.
Со свеќи во рацете и со една минута молк, собраните родители и граѓани им оддадоа почит на загинатите во страшниот пожар.
Утрово во Паркот на револуцијата во Кочани беше поставена симболичната инсталација „63 бели столчиња – 63 животи“. Шеесет и трите бели столчиња беа наредени на отворено, а на нив е оставена по една бела роза за спомен.
