Апликацијата „СтопКорона“ во натамошниот период ќе има исклучително значење во давањето на вистинската слика за имунитетот на населението, вели министерот за здравство
Коронавирусот нема да исчезне, ама сметам дека, по овие првични искуства, постои начин сите земји, не само нашата, да ги прилагодат здравствените системи за да може да го амортизираат ударот, оцени денеска министерот за здравство Венко Филипче. Тој посочи дека ризикот беше посебно голем во почетокот, кога не беа познати карактеристиките на вирусот, стапката на смртност…, но дека сега здравствените системи се на многу повисоко ниво на подготвеност.
Тој посочи дека апликацијата „СтопКорона“ има неколку илјади симнувања. Покрај нејзината улога да помогне побрзо во пронаоѓање заболени од ковид-19, како што најавува Филипче, таа во натамошниот период ќе има исклучително значење во давањето на вистинската слика за имунитетот на населението. Министерот во одговор на прашање рече дека ова е нешто што активно сега се разговара со членови на Комисијата за заразни болести и епидемиолози од Институтот за епидемиологија.
„Ја немам точната бројка, има неколку илјади симнувања. Меѓутоа, ние сега разговараме за следните чекори во стратегијата, затоа што и кога ќе помине пикот на епидемијата ние треба да бидеме спремни и понатаму да има одреден број на пациенти. Вирусот нема да исчезне. Нема да престанат луѓето да заболуваат од него. Но очекуваме со овие мерки што сега се носат тој тренд на опаѓање да продолжи, но секогаш да имаме еден на број на пациенти што здравствениот систем може да ги амортизира“,
рече Филипче.
Тој посочи дека ќе дојде период кога ќе треба да се направи и пресек, за да се види како да се димензионираат следните мерки, што би биле препорачани на крајот на летото или на почетокот на есента.
„Тогаш оваа апликација, заедно со проценката на имунитетот на населението, ќе биде од исклучително големо значење заради тоа што ќе укаже на конактите што човек не бил свесен дека ги има во даден момент“,
изјави Филипче.
Тој појасни дека сега се подготвува и систем како да се промовира апликацијата. Еден од моделите е тоа да биде преку матичните лекари, преку кои би се спровела и таа анализа – серопреваленца, за да се испитаат антителата на одредени групи на население.
-Тоа испитување на имунитето, во комбинација со апликацијата сметаме дека ќе ни даде апсолутно најточни податоци за состојбата на имунитетот во даден момент. Врз основа на тоа ќе можеме да ја правиме стратегијата за следниот период -до крајот на годината. До изнаоѓање на вакцината, секоја земја, не само нашата, ќе треба да ги има предвид сите мерки што ќе треба да се порестриктивни во еден момент, па да се затегнат во друг момент и да важат за различни возрасни групи“,
најави министерот за здравство.