Во однос на третманот на пациентите во „8 Септември“, одговорно кажувам дека секаде каде што има пациенти на респираторна машина секогаш или се присутни или секогаш се консултираат анестезиолози.
Ваква изјава денеска даде министерот за здравство Венко Филипче откако во јавноста се појавија информации за начинот на третман на критично болните пациенти.
Покрај анестезиолози, на Инфективната клиника, пак, вели тој има и тренирани инфектолози.
„Ова е болест којашто во најтешката форма ги засега белите дробови на начин на кој е потребна механичка поддршка. Освен тренираните инфектолози на Инфективна, заради природата на работа и порано за други болести поставувале пациенти на респиратор, сега заради поголемиот притисок и поголемиот број на пациенти, беа присутни и анестезиолози. Тоа е така и во ’8 Септември‘. Тие експертите кои, прво, може да постават пациент на респираторна машина и второ да ги регулираат параметрите како таа респираторна машина функционира“,
изјави Филипче.
И во оваа болница, додаде министерот, сите лекари се мобилизирани, но за други дејности и за да не се создаваат листи на чекање, специјалистите (хирурзи, ортопеди, невролози) работат во своите области и затоа не се, како што рече, буквално сите ангажирани за третман на ковид-пациенти.
Вчера, лекар токму од „8 Септември“, пак, јавно за ТВ Алфа зборуваше дека за 13 пациенти кои дишат со помош на машина се грижат доктори интернисти, а не специјалисти анестезиолози, кои се едуцирани за интензивно лекување и реанимација. Според него, двајца анестезиолози во болницата доаѓале само за да дадат конзилијарно мислење, но не и да ги лекуваат најтешко болните.