Апелираме во што поскоро време МВР да истражи што се случило и со вистински информации да ја информираат јавноста, кажа Филипче
Министерството за внатрешни работи да го истражи случајот и да излезе со детали за инцидентот на скопскиот аеродром, порача лидерот на СДСМ Венко Филипче. Според него различни информации стигнуват од инволвираните страни, што остава впечаток дека институциите се обидуваат да ја сокријат вистината.
„Сметам дека тоа е апсолутно недозволиво затоа што се добива впечаток дека некој сака да ја скрие вистината. Граѓаните тоа не го заслужуваат. Апелираме во што поскоро време МВР да истражи што се случило и вистински со вистински информации да ја информираат јавноста, граѓаните тоа го заслужуваат. Меѓутоа, мене ова не ме изненадува. Вакви дисонантни тонови, вакви различни ставови. Во изминатиот месец повеќе работи се случуваат. Од една страна, премиерот Мицкоски и министерот Николовски една работа кажуваат за пругата кон Бугарија, а министерот Муцунски нешто сосема друго. Премиерот кажува една работа за намалувањето на платите на функционерите, министерката Кочоска најавува дека ќе си оди ако се случи тоа,“
рече Филипче.

Претходно и од СДСМ порачаа дека е срамно да има три верзии за настанот, а да отсуствува официјална изјава од МВР. Оттаму додаваат дека Косово го окарактеризира настанот како „дипломатски скандал“, додека јавноста не била удостоена ниту со прес-конференција на МВР за да се разбере што се случило.
Реакција испратија и од ДУИ. Според нив станува збор за скандалозен дипломатски инцидент против претседателката на Косово, Вјоса Османи.
„Ваквиот однос на државата кон секој граѓанин, а особено кон највисоките претставници на државата, а во овој случај нашите сестри и браќа од Косово, е неприфатлив и мора да биде најстрого казнет. Скандалозна е и инволвираноста на шефот на обезбедувањето на нелегитимниот претседател на Собранието Африм Гаши во инцидентот, и продлабочувањето на истиот, без никаква надлежност, без да биде повикан и без право, а тоа гласно говори за мизерната и вазална позиција на нелегитимната албанска застапеност во моноетничката влада“,
велат од ДУИ.
На реакцијата од ДУИ возврати министерот за здравство и еден од лидерите на „Вреди“ Арбен Таравари кој посочи дека тие шират лаги и манипулации , а ги нарушуваат и односите меѓу Северна Макеоднија и Косово.
„Министерството за внатрешни работи и државата немаат надлежност за безбедноста на аеродромот, туку тоа е во надлежност на концесионерот, во случајов ТАВ. Според Виенската конвенција, државните лидери имаат посебен третман за време на патувањето, но деталите за безбедносните протоколи ги одредува концесионерот на аеродромот. Слично недоразбирање се случи и кога технички премиер беше Талат Џафери. Зошто ДУИ не зборува за тоа? Ја повикуваме ДУИ да одговори дали за време на нивни патувања избегнуваат скенери“,
вели Таравари.
Вчера на скопскиот аеродром се случил инцидент со претседателката на Косово, Вјоса Османи. Додека таа поминувала на гранична контрола, во моментот кога од неа било побарано да го остави телефонот за да помине низ скенер, едно лице од нејзиното обезбедување го оттргнало вработениот од ТАВ, за таа да помине без скениран телефон и рачен багаж. Иако вработениот бил оттргнат, сепак багажот бил вратен и поминал на скенер. Како што потврди МВР за „360 степени“, половина час по случајот, на аеродромот пристигнало лице од обезбедувањето на претседателот на Собранието, Африм Гаши кој е полициски службеник, заедно со уште двајца припадници на полициските служби и започнал да се заканува на вработените во ТАВ и го барал „виновникот“ кој и направил проблем на Османи, притоа туркајќи полициски службеник кој бил вработен на граничниот премин.
Од кабинетот на Османи реагираа дека станува збор за скандал, односно дека однесувањето на македонскиот аеродромски службеник е спротивно на секоја меѓународна практика, според која, шефовите на држави кога патуваат се заштитени со дипломатски привилегии и имунитети.
Од кабинетот на Османи велат дека откако претседателката влегла во авионот, скопскиот аеродром не дозволувал комерцијалниот авион да полета кон Љубљана повеќе од еден час под изговор дека словенечката држава не го дозволувала тоа затоа што тамошниот аеродром не бил подготвен за слетување. Но, се додава во реакцијата, од кабинетот на Османи стапиле во контакт со словенечката страна од каде им било кажано дека тоа не било точно и оти авионот ќе можел да слета во предвиденото време.
Од ТАВ Македонија вчера , а и денеска посочија дека се почитувани стандардните безбедносни проверки и категорично ги отфрлија наводите дека вработен од одделот за обезбедување се обидел да ѝ го одземе телефонот на косовската претседателка Османи при вчерашниот преглед во ВИП-салонот на Меѓународниот аеродром Скопје.
Гаши , пак денеска кажа дека интервенирал за да се смири ситуацијата, да не се направи дипломатски инцидент.
„Имаше соопштенија, јас само интервенирав во делот да се смират ситуациите, да не се направи дипломатски инцидент и мислам дека заврши сè како што треба. Како имало или ако некој ги пречекорил своите овластувања, секако секој кој и да го направил тоа треба да одговара. Поинаку нема смисла правната држава и праведноста ако не сме објективни и ако не ги почитуваме нашите закони, протоколи и сe што ние го носиме и како закони и како други подзаконски акти одредби“,
рече Гаши.