Со руските вакцини против ковид-19 „Спутник В“ од среда треба да продолжи имунизацијата на здравствените работници.
Според националниот план за вакцинација во групата на здравствените работници со висок и умерен ризик да стекнат инфекција планирано е да си вакцинираат околу 17 000 лица.
Министерот за здравство Венко Филипче рече дека после здравствените работници според планот за имунизација приоритет ќе имаат највозрасните лица и лицата со хронични болести, а планирана е и вакцинација во старечките домови.
Филипче посочи дека препорака за претпазливост за вакцинирањето со руските вакцини има само за трудници и доилки.
„Има препорака во упатството во однос на претпазливост само кај трудници и доилки и никаква друга контраиндикација, значи продолжуваме со националниот план каде се најстарите граѓани со хронични болести и тоа што денеска и вчера работеше нашиот тим кој го изготвуваше планот, ќе бидат и луѓето сместени во старечките домови. Сите тие ќе бидат известени преку матичните лекари повикани на пунктовите за вакцинација. А во старечките домови ќе се спроведе вакцинацијата во домовите каде што се сместени лицата“,
рече Филипче на приемот на првата пратка вакцини „Спутник В“
Министерот рече дека во наредните денови ќе се дефинира и динамиката на достава на другите дози од вкупно нарачаните 200 000 вакцини на „Спутник В“
Вакцината е замрзнат раствор од 0,5 милилитри за еден корисник, за разлика од вакцината на „Фајзер“ каде од една вијала се вадат шест дози. Вакцините ќе се чуваат во фржидерите во пунктот во „Јане Сандански“.
„Ова е прва количина со која ќе обезбедием континуитет на процесот на имунизација. Сакам да изразам голема благодарност до амбасадорот и неговиот личен ангажман вакцините да пристигнат побрзо ќе продолжиме со комуникација и за следните количини, вакцините се различни во делот на вакцината и ревакцинацијата, што значи дека сите овие дози ќе се користат за прва вакцина“,
рече Филипче.
Пратката е преземена преку службата на ДХЛ од Москва во Белград каде стигнале и одредени количини за Србија, заедно со вакцините за Македонија.