Документот се базира на три клучни прашања: Поддршка за зајакнување на ефективноста на здравствените системи; Зголемување на достапноста до здравствена заштита; Подобрување на здравствените системи и улогата на е-здравството
На предлог на Министерството за здравство, Владата вечерва ја донесе Стратегијата за здравство 2021 – 2030 година, со Акциски план, соопштија од владиниот кабинет.
Како што се посочува, низ транспарентен и инклузивен процес, при подготовката на стратегијата е земена предвид агендата на ЕУ за ефективни, ефикасни и достапни здравствени системи при што, меѓу другото, идентификувани се три клучни прашања:
- Поддршка за зајакнување на ефективноста на здравствените системи, што опфаќа успешност на здравствениот систем, квалитет и безбедност на здравствената заштита и интегрирањето на здравствената заштита на сите нивоа;
- Зголемување на достапноста до здравствена заштита, со фокус врз здравствената работна сила. Заложбите за планирање треба да осмислат одржливи решенија на ниво на ЕУ со кои ќе се обезбеди доволен број на соодветно квалификувани здравствени работници со вистинските вештини потребни за давање на здравствената заштита на сите на кои им е потребна; и
- Подобрување на здравствените системи и улогата на е-здравството, проценка на здравствената технологија и здравствените информатички системи.
На денешната владина седница се одобрени и две стратешки инвестиции за соларни електрани, вредни 116 милиони евра.
Исто така, Владата денеска ја разгледа и усвои информацијата и го прифати барањето на Стопанската комора да издвои износ од 18 600 000 денари од ковид програмата, како финансиска поддршка за имплементација на современи дигитални софтверски решенија во рамки на поддршката на компании од информатичко-компјутерската технологија, како заедничка акција на јавниот и приватниот сектор.