Има многу примери од различни земји во светот, кога по отворањето на училиштата заради очигледно неминовното зголемување на бројот на заразени, училиштата повторно беа затворени, вели министерот за здравство, Венко Филипче во изјава за ТВ Сител.
На утринскиот состанок на Комисијата за заразни болести и претставници од Министерството за боразование и наука (МОН), на кој присуствувал и министерот Арбер Адеми, заклучиле дека целосно отворање на училиштата е од огромен ризик по здравјето и на учениците, нивните родителите и на вработените во училиштата.
„Свесни сме дека ова е еден голем предизвик, дека нема идеално решение. Ја следиме дебатата во јавноста. Секоја од групите има некои свои аргументи, меѓутоа ние како Министерство за здравство апсолутно ставаме приоритет на заштита на здравјето на граѓаните, вклучително и на децата кои треба да тргнат на училиште“,
рече Филипче.
Додава дека имаат нивни сознанија, согледувања, анализи кои ги правеле, а од страна на МОН ги доставиле протоколите врз основа на кои би требало училиштата да функционираат. Посочи дека има многу протоколи, но тие, како што рече, не се почитуваат и едноставно таму каде не се почитуваат протоколите може да биде потенцијален извор на зараза.
Филипче смета дека добро се менаџира здравствениот систем, во смисла на слободни болнички кревети. Информира дека континуирано и постепено се намалува бројот на пациенти, а опаѓа и бројот на хоспитализирани пациенти.
Има предвидени капацитети во болницата во Козле и сега, иако таму се лечат и возрасни заболени од ковид-19, и по потреба на Педијатриската клиника некои одредени делови би биле наменети за тоа, иако, како што рече, би сакал да нема потреба од тоа.
Додаде дека не само децата се во ризик, туку и нивните родители, некои од нив се и со хронични болести, и затоа нивните насоки се сепак да се стави акцент на онлајн настава.
„Сега навистина имаме една тешка одлука која треба да ја донесеме. Нема идеално решение. Мора да се заштити јавното здравје, а во исто време мора да се обезбеди и функционален едукативен процес кој е многу битен за развојот на детето“,
потенцира Филипче.
За есенскиот период, вели дека ниту една земја во светот не знае како ќе биде. Посочи дека епидемијата нема да трае вечно и апелираше сите да бидат трпеливи.
Прашан за градинките, Филипче рече дека засега нема одлука за нивно отворање. Информира дека денеска имале заеднички состанок со претставници од МТСП, протоколите за работа на градинките се изготвени уште пред неколку месеци, а сега се ажурира бројот на новозапишани деца или на оние што сега треба да тргнат во училиште и врз основа на таа анализа ќе се направи соодветна одлука.