Во своето обраќање, Филипче ја критикуваше и економската политика на Владата, обвинувајќи дека не води грижа за работниците и дека не одговара на барањето на синдикатите за покачување на минималната плата. Тој оцени дека вистинскиот патриотизам не е во празни слогани и објави со знамиња, туку во подигнувањето на платата и решавањето на реалните проблеми

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на граѓанската трибина во Свети Николе, ја критикуваше Владата на ВМРО-ДПМНЕ откако беше објавена информација дека склучила договор со фирмата „ИРД Инженеринг“.
Филипче потсети дека токму оваа компанија беше цел на жестоки напади од ВМРО-ДПМНЕ додека беа во опозиција.
„Тогаш Александар Николовски и сите челници на ВМРО-ДПМНЕ секој ден држеа прес-конференции, обвинувајќи дека оваа фирма е криминална. Јавно го повикуваа обвинителството, тврдеа дека преку неа се перат пари. И денес договор со нив“,
рече Филипче.
Тој јавно го праша премиерот Христијан Мицкоски „ако беше криминален проектот што ние го започнавме, ако беше криминален надзорот што го потпишавме, тогаш дали значи дека и ти си криминалец кога продолжуваш со истото?“
Лидерот на СДСМ потсети дека истата ситуација се повторува со проектот „Бехтел и Енка“, кој ВМРО-ДПМНЕ го нарекуваше „криминален“, а сега е единствениот проект на кој се работи.
„Па ги прашувам јавно – што е разликата сега?“,
праша Филипче.
Во своето обраќање, Филипче ја критикуваше и економската политика на Владата, обвинувајќи дека не води грижа за работниците и дека не одговара на барањето на синдикатите за покачување на минималната плата.
Тој оцени дека вистинскиот патриотизам не е во празни слогани и објави со знамиња, туку во подигнувањето на платата и решавањето на реалните проблеми.
„Молкот на ВМРО-ДПМНЕ за гласот на синдикатите е глас за нивната незаинтересираност за работникот, кој го гледа само како трошок. За нив, платата е бројка во ексел табела. За нас тоа е побогата вечера за семејството, достоинствена облека за децата, тоа е мир во домот“,
изјави Филипче.
Тој истакна дека барањето на Сојузот на синдикатите за покачување на минималната плата не е „барање од луксуз“, туку „крик на луѓе што живеат со 400 евра месечно“. Филипче потсети дека СДСМ цела година нуди решение – минимална плата од 500 евра.
Како пример, тој посочи дека соседните Албанија и Србија веќе ја зголемуваат минималната плата, додека Македонија „стои во место“.
Филипче порача дека слоганот на кампањата „Се бориме за нашиот дом“ ја отсликува суштината на социјалдемократската политика.
„СДСМ секогаш се бореше и ќе се бори Македонија да биде дом за сите, а не приватен имот на власта. Дом во кој секој ќе има свое место, секој труд ќе биде вреднуван, секоја капка пот ќе биде платена, секој човек ќе живее со достоинство“,
кажа Филипче.