Комисијата пред два дена не препорача такви мерки
Стручњаци од епидемиологијата изминатите денови преку медиумите апелираа да се воведе контрола на нашите граници поради можноста од „увоз“ на новиот и сè подоминантен во многу земји делта-сој
Во овој момент нема потреба од воведување рестриктивни мерки во внатрешното функционирање на државата, рече денеска министерот за здравство Венко Филипче, а како причина ја наведе мирната епидемиолошка состојба во земјата.
Но, за евентуални мерки на границите ќе се разговара на најавениот состанок со членови на Комисијата за заштита од заразни болести.
„Претежно ќе се зборува за тоа дали треба нешто да се препорача во однос на критериумите за влез, на границите, иако гледаме дека многу земји во регионот, иако имаат некакви рестриктивни мерки, Грција на пример, имаат пораст на нови случаи. Треба да се препорачаат мерки кои навистина ќе биде ефикасни“,
изјави денеска Филипче.
За какви мерки се размислува, нема детали. Стручњаци од епидемиологијата изминатите денови преку медиумите апелираа да се воведе контрола на нашите граници поради можноста од „увоз“ на новиот и сè подоминантен во многу земји делта-сој.
Комисијата пред два дена не препорача никакви такви мерки, како на пример ПЦР или друг вид тестови или евентуално карантин за патници што доаѓаат од ризични земји со голем број вакви случаи на зараза.
Но, откако во државата се потврдија засега десет заразени со овој сој, и притоа најголем дел дошле од или биле на патување во странство, здравствените власти најавија дека е можно да се преземе нешто.