Зоран Заев секогаш ќе биде социјалдемократ и ќе биде СДСМ – вели носителот на листата на СДСМ во Изборната единица 4 и поранешен министер за здравство, Венко Филипче, на прашањето дали очекува поддршка од Заев во кампањата
Носителот на пратеничката листа на СДСМ и коалицијата во Изборната единица 4, Венко Филипче, вели дека тој и поранешниот премиер Зоран Заев имаат одлична комуникација, пријателство и другарство кое потекнува и се развило и зацврстило во времето кога беа соработници во Владата. Според Филипче, главната работа која ги врзува се вредностите во кои и двајцата веруваат, како и спремноста секогаш да помогнат и да излезат во пресрет на граѓаните.
„Тој беше секогаш спремен да помогне во здравствениот ситем, благодарение на неговата поддршка ние успеавме сериозно да ги зголемиме платите на докторите, тие веќе не работат за 60 000 денари, работат со дежурства за над 120 000 денари, некои специјалисти. 20 000 пациенти со дијабет добија оргинален инсулин благодарение на тие инвестиции, инаку, знаете, прилично ограничен е буџетот на МЗ, не можете само како министер, без премиерот, тоа да го направите“,
вели Филипче.
Прашан дали ги поврзува и заеднички бизнис-интерес, Филипче негира и додава дека ги врзува тоа што токму поранешниот министер за здравство е единствениот, надвор од семејството на Заеви, меѓу основачите на „Фондација Заев – Едно општество за сите“, како одговорен во делот на јавното здравство, помошта за едукација на млади лекари и набавка на опрема и материјали за болниците.
Тој не одговори директно на прашањето дали поранешниот премиер ќе му помага во изборната кампања, а односите на релација Зоран Заев – Димитар Ковачевски ги нарече одлични, без никаков проблем помеѓу нив двајца.
Филипче: Зоран Заев кажа дека повеќе нема активно да се вклучува во политиката. Има сега централна кампања, ќе има и регионална кампања коишто партијата ќе ги води согласно програмата и планот.
360°: Не очекувате никаква поддршка од Заев?
Филипче: Зоран Заев секогаш ќе биде социјалдемократ и ќе биде СДСМ.
Во однос на претходната соработка помеѓу Филипче и Заев, тој кажа дека заедно оствариле многу работи за здравството и дека во нивно време биле имплементирани многу сериозни проекти кои го подобриле функционирањето на здравствениот систем.
„Точно е дека уште многу треба да се направи во здравството, но еден од главните проекти кој значајно ќе ја сменеше јавната слика за нашето здравство, проект кој значајно ќе го зголемеше квалитетот и степенот на задоволство во кој работат нашите здравствени работници, за жал, беше блокиран во парламентот, а тоа е проектот за новиот клинички центар. Да ве потсетам дека доколку тој проект тогаш, пред ковид, не беше блокиран, сега на почеток на 2025 г. првиот блок на новиот клинички центар ќе беше пуштен во употреба, во Ѓорче Петров ќе имаше нова болница каде граѓаните апсолутно ќе добиеја европско ниво на здравствена услуга“,
рече Филипче.
Носителот на листата на социјалдемократите во „четворката“ рече и дека СДСМ, со инвестициите во здравството во периодот кога тој бил министер, одиграл голема улога – и покрај лошите услови во сегашниот клинички центар, да има професионалци кои даваат врвна медицинска услуга и со нови методи.