Не е точно дека во дебарската болница нема епидемиолог, реагира министерот за здравство Венко Филипче и апелира да не се шират лажни информации. Уверува дека во моментов нема дефицит на кадар, а доколку има потреба бројот на здравствени работници ќе се зголеми.
„Не е точна информацијата која излезе во дел од медиумите дека нема епидемиолог во дебарската болница. Во болницата во Дебар има епидемиолог и двајца инфектолози од Скопје, кои дојдоа во поддршка на локалните здравствени работници. Во моментов нема дефицит на персонал во болницата. Министерството за здравство е во постојана комуникација со болницата во Дебар и доколку се појави недостаток на лекари или персонал – итно ќе биде испратен од околните болници или од клиниките во Скопје“,
напиша Филипче на Фејсбук.
Филипче апелира јавноста да се информира исклучиво од релевантните институции.