„Може да отвориме дебата на комисиската расправа, може да отвориме помеѓу парламентарните групи, да видиме за што станува збор, да видиме дали треба некој дополнителен чекор да се направи за да се задоволат барањата на некоја друга категорија или група на граѓани. Така што, ние секогаш стоиме на тоа да ги задоволиме потребите на граѓаните“, изјави денеска лидерот на СДСМ и пратеник на прес-конференција во Собранието
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, ги негира тврдењата на премиерот Христијан Мицкоски и на коалицијата „Вреди“ дека измените на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили, што во Собранието ги поднесе пратеничката и ексминистерка за одбрана, Славјанка Петровска, имаат за цел подгревање на меѓуетничките тензии.
Наспроти ваквите тврдења на власта, лидерот на опозициската СДСМ, денеска одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција во Собранието рече дека овој закон е поднесен со цел да се излезе во пресрет на барањата на припадниците на безбедносните сили кои имаат инвалидитет и на семејствата кои имаат загинати бранители.
„Така што, сметам дека сè што можеме да направиме во интерес на граѓаните, во задоволувањето на нивните реални потреби, ние го правиме и ќе го правиме и понатаму. И тука воопшто нема никаква димензија на некаква меѓуетничка поделба или некакво подгревање на меѓуетнички тензии“,
изјави Филипче.
Во контекст на ова лидерот на СДСМ вели дека тие како пратеничка група се подготвени да разговараат за сите аспекти на законот со колегите пратеници кои сметаат поинаку.
„Може да отвориме дебата на комисиската расправа, може да отвориме помеѓу парламентарните групи, да видиме за што станува збор, да видиме дали треба некој дополнителен чекор да се направи за да се задоволат барањата на некоја друга категорија или група на граѓани. Така што, ние секогаш стоиме на тоа да ги задоволиме потребите на граѓаните“,
рече Филипче.
Прашан за коментарите на социјалните мрежи околу предлог-законот кои се во иста насока, Филипче рече дека ги слушаат реакциите и разговараат со голем број граѓани, но она што можат и сакаат да го искористат се инструментите во Собранието.
„Организираме средби со граѓаните, дури и а пропо тие реакции на социјалните мрежи, и во голем број случаи ги контактираме директно за да го слушнеме нивното мислење. Но, тоа што тука од оваа говорница можам да кажам е дека како политички инструмент којшто можеме и сакаме да го користиме се инструментите во Собранието и на пратеничката група. Ако велите дека има пратенички групи коишто не го поддржуваат и даваат коментар во однос на законот, ние сме подготвени да разговараме“,
кажа лидерот на СДСМ и пратеник во Собранието.
Тој ги отфрли како неточни наводите на премиерот Христијан Мицкоски, кој денеска коментирајќи го законот во одговор на новинарско прашање рече дека пратениците на СДСМ вчера не биле во собраниската сала кога се гласало за ставање на законот на дневен ред на 14. седница.
„Не е точно, ние вчера бевме во собраниската сала, така што согласно Деловникот ќе се закаже Комисијата“,
изјави Филипче.
Вчера со 65 гласа „за“ и 11 „против“ Собранието изгласа предлог-измените на Законот на Петровска да бидат дел од дневниот ред на 14. седница и да се носат по скратена постапка.
Ова предизвика жестоки реакции од пратениците на коалицискиот партнер на ВМРО-ДПМНЕ од албанскиот блок во власта, „Вреди“, кои ги обвинија ДУИ и СДСМ дека со Законот за бранители се обидуваат да ја „запалат искрата на меѓуетничките тензии“ за да се спасат од политичката корупција. Според коалицијата, овој закон бил напишан во седиштето на ДУИ во Мала Речица, а бил поднесен во Собранието од СДСМ.
Од „Вреди“ порачаа дека нема да дозволат усвојување на овој закон за бранители доколку тој не биде во пакет со закон за решавање на статусот на поранешните припадници на Ослободителната национална армија (ОНА) од времето на конфликтот во 2001 година.
Опозициската ДУИ, пак, ја обвини „Вреди“ за хипокризија бидејќи, како што рече, вчера координаторот на пратеничката група на „Европскиот фронт“, Блерим Беџети, нивните пратеници овозможиле законот да влезе на дневен ред во собраниска процедура. Од ДУИ, исто така, најавија дека нема да го поддржат овој закон.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска прашан за коментар за законот и пораките од коалицискиот партнер во Владата, „Вреди“, рече дека бранителите ја имале, ја имаат и ќе ја имаат неговата поддршка, но, според него, целта на измените на Законот е повторно создавање етнички тензии и нетрпеливост.