За изборот на кандидати реагираа од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) од каде што нагласија дека дел од избраните кандидати не ги исполнуваат формалните услови и имаат партиска заднина, што го доведува во прашање нивниот професионализам и независност
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција, на прашање на „360 степени“, зошто поддржуваат партизација на Агенцијата за медиуми, одговори дека сите кандидати се луѓе што имаат соодветна експертиза во таа работа
Собранието денеска во 14 часот треба да ја продолжи 34-тата седница на која треба да се гласа за кандидатите за членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ). За да бидат изгласани кандидатите за членови на Советот потребно е двотретинско и Бадентерово мнозинство.
Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата на седница на крајот од јануари ја утврди листата на кандидати на која се наоѓаат Виктор Павловски – дипломиран инженер по производна информатика од Скопје, Сашо Стефановски – дипломиран по филмска уметност и ТВ-снимател од Скопје, Петар Џуровски – дипломиран филмски и ТВ-монтажер од Скопје (кандидати на владејачката ВМРО-ДПМНЕ), Цветанка Миновска – дипломиран новинар од Скопје (кандидат на ЗНАМ), Афрона Врзиволи – дипломиран економист од Скопје и Нафије Селмани –дипломиран професор по албански јазик и книжевност од Скопје (кандидати на „Вреди“) и Гордана Мајнова – дипломиран економист и магистер по комуникологија (кандидат на СДСМ).
Секој од седумте кандидати помина со ист број гласови, по 10 „за“.
Пратениците од „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ ја напуштија седницата посочувајќи дека на листата на кандидати има луѓе што не ги исполнуваат предвидените услови по закон и, како што истакнаа, тоа е причина да не учествуваат „во оваа претходно наместена игра од страна политичките партии“.
За изборот на кандидати реагираа од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), од каде што нагласија дека дел од избраните кандидати не ги исполнуваат формалните услови и имаат партиска заднина, што го доведува во прашање нивниот професионализам и независност. Од ЗНМ апелираа до Собранието да избере компетентни и независни членови за да се обезбеди ефикасноста и непристрасноста на регулаторното тело.
Реагираа и од меѓународната заедница. Од Амбасадата на Германија, земја која штотуку заврши твининг-проект со Агенцијата за медиуми, во изјава за „360 степени“ посочија дека политички независни, слободни и висококвалитетни медиуми се столбот на една силна демократија, а професионалниот надзор на медиумите, според стандардите на ЕУ, има централна улога во тоа.
Од Делегацијата на ЕУ во Скопје, пак, изјавија дека одблизу ја следат работата на Комисијата за избори и именувања во врска со изборот на кандидати за Советот на ААВМУ.
Премиерот Христијански Мицкоски неодамна во изјава за медиумите рече дека изборот на кандидати е спроведен согласно законски одредби и секој што ги исполнува условите, може да ја врши таа функција.
„Изборот на членови на ААВМУ, како и изборот на вршители на високи државни и јавни функции се врши врз основа на законски одредби и секој оној којшто ги исполнува условите, а е предложен да ја врши таа функција, ќе ја врши. На основа на чувства и изјави коишто не водат во насока на подобрување на тој процес, јас нема да давам какви било коментари. Но, секој којшто ги исполнува законските критериуми, и уставни се разбира, во оваа држава може да биде избран за секоја функција за којашто ќе биде предложен. Тој којшто не ги исполнува нема да биде предложен“,
истакна Мицкоски.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција, на прашање на „360 степени“, зошто поддржуваат партизација на Агенцијата за медиуми, одговори дека сите кандидати се луѓе што имаат соодветна експертиза во таа работа.
„Тоа се луѓе што имаат соодветна експертиза во таа работа, не се тоа само партиски луѓе. Ќе се вратам назад кога тој закон беше донесен, иако сега мандатот долго време на тие луѓе е поминат, целта беше токму тоа да не доминира мнозинството и ние го поддржавме зошто, принципиелно нашата иницијатива да биде така конструиран законот беше токму тоа, да има претставници од политичките партии на власта и на опозицијата и мислам дека тоа е здраво. Секако, тоа не треба да ја стави на страна експертизата на луѓето коишто го работат тоа“,
изјави Филипче.
На нашата забелешка дека токму експертизата на дел од кандидатите е оспорувана во јавноста, Филипче нагласи дека тие како пратеничка група ги разгледале биографиите на сите кандидати и сметаат дека сите критериуми се запазени.