Лидерот СДСМ на денешната седница за пратенички прашања покажа документи за кои рече дека се доставени од „свиркачи“, извори од Агенцијата за вработување и Фондот за здравствено осигурување, кои, како што кажа, со малку математика покажуваат дека Христовски нема пет години стаж на раководни позиции, што е еден од условите да биде именуван за директор на Агенцијата
„Еве, јас сега ќе ви дадам еден сличен таков сертификат од личноста што седи до вас“, рече Мицкоски подавајќи му го листот на Филипче, до кого седеа ексминистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и поранешната директорка на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска
Пет месеци по конституирањето на новиот состав на Собранието по изборите на 8 мај, законодавниот дом денеска ја одржува првата пленарна седница на која на дневен ред се пратенички прашања.
Првите, како што налага правилото, дојдоа од пратениците на опозицијата, а темите за кои тие бараа одговори од премиерот и министрите во Владата беа очекуваните, поврзани со последните одлуки и активности на извршната власт.
Едно од нив е именувањето на Бојан Христовски за нов директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), кое отвори многубројни прашања и дилеми во јавноста, од кои меѓу најактуелните се вистинитоста на ТОЕФЛ-сертификатот за познавање на англиски јазик кој го добил од училиште во Пловдив, Бугарија, и неговиот претходен партиско-политички ангажман во ВМРО-ДПМНЕ.
Лидерот на опозицискиот СДСМ и пратеник, Венко Филипче, кој денеска прв поставуваше прашања, отвори уште едно поврзано со условите за именување на директор на АНБ.
„Тоа е еден од многуте скандали на оваа власт, а е всушност груба и опасна партизација на Агенцијата за национална безбедност. Покрај тоа што поставувате криминалци за директори, осудени лица за директори на затвори, јавноста се смее, ова партизирање на АНБ воопшто не е смешно. Напротив, ова многу загрижува и ја потврдува вашата намера да ги узурпирате клучните безбедносни институции. Вие, премиере, очигледно заборавивте дека заради овие ВМРО-МВРО диктаторски политики 100 илјади луѓе маршираа по улиците. Слушнавме од вашиот коалициски партнер дека поставувањето на Бојан Христовски на чело на АНБ е ваш личен избор што и не е за изненадување. Туркате партиски кадар, претседател на градски комитет на партијата за кој велите дека се деполитизирал за само неколку месеци. Ова е инфантилно, објаснување и не треба да го коментираме. Но, денес ќе презентирам докази за нешто што го криевте, а ние го утврдивме доказ дека станува збор за незаконско поставување на директор на Агенцијата за национална безбедност“,
рече Филипче.

Тој на говорницата покажа документи за кои рече дека се доставени од „свиркачи“, извори од Агенцијата за вработување и Фондот за здравствено осигурување, кои, како што кажа, со малку математика покажуваат дека Христовски нема пет години стаж на раководни позиции што е еден од условите да биде именуван за директор на Агенцијата.
„Ниту тој услов не го исполнува вашиот партиски кадар. Медиуми од Македонија и Бугарија веќе покажаа дека Христовски нема вистински документ за соодветно познавање на англиски јазик. Документот што го приложил е од училиште во Пловдив, Бугарија, а во Пловдив воопшто нема центар за полагање за ТОЕФЛ-сертификат. Значи за да стане директор свесно употребил фалсификуван документ и со тоа направил кривично дело. Замислете човек кој прави кривично дело кој не ги исполнува условите треба да ја води безбедноста во државата. Нели, премиере, ветувавте поразличен начин на работа? Нели ќе имаше мерит-систем? Така најавувавте. Вашето поимање за мерит-систем е по заслуга, ама во партијата, кој најмногу заслужил кај лидерот. Ова е основниот модел, а потоа можат и да се кршат закони за да се назначат незаконски вашите партиски послушници“,
рече Филипче.
Неговото прашање до премиерот беше дали конечно ќе се охрабри и ќе го разреши Бојан Христовски од функцијата директор на Агенцијата за национална безбедност.
„Што се однесува до Бојан и тој што ви ги дал тие податоци ве носи во длабокото и уште подлабоко. По овие пратенички прашања мора да го менувате тимот, тие што ве брифираат“,
рече Мицкоски одговарајќи на прашањето.
За работниот стаж на Христовски на раководни позиции, премиерот беше кус во одговорот.
„Верувајте ми, затоа што не само што има пет години има девет години. Но тоа е друга тема, не сакам да бидам на тоа ниво на кое сакаме сега да го спуштиме безбедносниот сектор во државата. Не сакам да разговарам на тоа ниво затоа што мислам дека безбедноста, националната безбедност и сето тоа што овие денови е тема во јавноста, не ја заслужува таа тема. Има институции коишто тоа треба да го проверат, во ред вие сте решиле да правите политика на тоа. Легитимно е, опозиција сте, мислите дека на тој начин ќе добиете нешто. Јас не мислам дека ќе добиете“,
кажа Мицкоски.
Во врска со сертификатот, премиерот, како и неговиот политички опонент Филипче, на говорницата излезе со туце од листови за кои рече дека се слични такви сертификати на директори назначени од претходната Влада на СДСМ.
„Еве јас сега ќе ви дадам еден сличен таков сертификат од личноста што седи до вас“, рече Мицкоски подавајќи му го листот на Филипче, до кого седеа ексминистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и поранешната директорка на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска.
„Знаете колку има такви сертификат? Ги гледате овие сите? Нема да ги вадам еден по еден? Сакате да ги вадам еден по еден? Еве нема да ги вадам. Сакате ли за директорите што ги назначи СДСМ да ги видите сертификатите? Немојте на тоа да правите политика. Има институции во државава коишто треба да водат сметка за таа работа. Овие ќе ги сочувам за мене и ќе му ги дадам на министерот за внатрешни работи (Панче Тошковски), да допре гласот и до него“,
рече Мицкоски.

Тој не застана тука и во продолжение рече дека кога СДСМ и ДУИ биле на власт незаконски со дронови го следеле него лично и ВМРО-ДПМНЕ, порачувајќи дека за сите тие „оперативно технички состојби“ ќе има одговорност.
„До поранешниот министер за внатрешни работи кој е тука, до него не допираше гласот, но затоа се дигаа дронови над мојата куќа, кога сум одел и на терен во Прилеп и тоа е се во белешките на службите кои треба да разузнаваат и контраразузнаваат. Го разузнавале претседателот на опозицијата со дронови оперативни и оперативно технички средства. Нормално е тоа? И сега се уплашени и од свиркачи добиваат информации, за сето тоа што мора да има одговорност“,
рече премиерот одговарајќи на пратеничко прашање од пратеникот Венко Филипче.
Потенцира дека кога ќе дојде редот за одговорност, јавноста ќе дознае, но Владата нема да прави од тоа театар како што правеше претходната власт од систем кој е од витално значење за државата.