Министерот посочува дека има случаи со млади пациенти на кои состојбата им се влошува во рок од неколку часа. Едноставно, таква е страшна манифестацијата не белите дробови, вели Филипче, што и покрај сè што се прави, некогаш животите на пациентите не може да се спасат
Има многу пациенти кои се во тешка состојба, тие се лекуваат согласно стандардите и лекарите прават се за да ги спасат, но има и такви тешки случаи со клинички слики какви што досега дел од лекарите не виделе.
Со ваков коментар денеска излезе министерот Венко Филипче, за состојбата на пациентите, откако вчера во земјава беше регистриран рекорден број од 50 починати како последица на ковид-19 во едно деноноќие.
„За жал, имаме и сега, и денеска, многу пациенти кои се во тешка состојба. Покрај преземените мерки, за жал, кај некои од пациентите лекувањето нема ефект, има клиничка слика, манифестација, каква што навистина досега дел од колегите, посебно експертите од областа на пулмологијата и инфективната медицина, не виделе. Манифестација на белите дробови, на крвта, што едноставно нема никаков одговор на терапијата. Повторно ќе кажам, болниците се преоптеретни, но со оној систем на пренамена обезбедуваме сосема голем број на кревети“,
вели Филипче.
Во врска со младите пациенти кои се жртви на коронавирусот, а кои немале коморбидитети, министерот излезе со сличен коментар. Има случаи, вели тој, кога состојбата им се влошува во рок од неколку часа.
„Ги гледаме случувањата и во околните земји за да видиме дали има слични случаи. Колегите следат и стручна литература и сè што излегува во јавноста. Секаде во Европа, секаде во околните земји, се случува истото. Има млади луѓе кај кои влошување на здравствената состојба настанува во рок од неколку часа и едноставно и покрај целиот терапевтски пристап за да не се случи да дојде до влошување и да се спречи прогресија на влошувањето, тоа некогаш за жал не дава успех. Едноставно таква е страшна манифестацијата не белите дробови што и покрај сè што се прави, некогаш животите на пациентите не може да се спасат“,
изјави Филипче.