Галетановски претходно аплицира на јавниот повик за нов директор на скопската Зоолошка градина. Тој најави дека ќе поднесе тужба против Град Скопје бидејќи и два месеца по завршувањето на огласот за директор на ЗОО Скопје, огласот сè уште беше отворен, иако беа поминати сите законски рокови за жалби
Поранешниот директор на скопската зоолошка Ѓорги Галетановски е нов претседател на Градската организација на СДСМ во Скопје, информираат од партијата.
„Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска го назначи Ѓорѓи Галетановски за нов претседател на Градската организација на СДСМ Скопје! Ѓорѓи е млад и амбициозен човек, со свежи идеи и желба за работа, со успешен професионален ангажман зад себе. Веруваме дека ќе донесе нова енергија во работата и функционирањето на Градската организација на СДСМ“,
напишаа од СДСМ на својот Фејсбук профил.
Досегашен претседател на ГО на СДСМ-Скопје беше Васко Кичевски.
Галетановски претходно аплицираше на јавниот повик за нов директор на скопската Зоолошка градина. Тој најави дека ќе поднесе тужба против Град Скопје бидејќи и два месеца по завршувањето на огласот за директор на ЗОО Скопје, огласот сè уште беше отворен, иако беа поминати сите законски рокови за жалби.
Галетановски поднесе оставка од директорската позиција во Зоолошката градина во декември 2021 година, во период кога градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, која стапи на функцијата еден месец претходно, почна да разрешува повеќе директори на институции кои се во надлежност на Градот, а кои беа поставени додека скопскиот градоначалник и мнозинството во Советот беа на СДСМ.