За мерките утре ќе одлучува Владата, а министерот на состанокот со Кризниот штаб рекол дека тие ќе ја одржат релативно стабилната епидемиолошка состојба и потенцирал дека вакви мерки, а и поригорозни има насекаде во регионот

Министерот за здравство Венко Филипче утрово на седница на Главниот координативен кризен штаб ги предложил новите рестриктивни мерки кои минатата недела ги препорача Комисијата за заразни болести. Кризниот штаб не донел заклучоци и мерките ќе се разгледуваат утре на владина седница. Тие се однесуваат на задолжителна вакцинација на здравствените работници и задолжителна ковид-потврда за вработените во јавниот сектор.
Пред кризниот штаб, како што соопштија од кабинетот на Филипче, министерот посочил дека мерките се целосно издржани и ќе дадат резултат, односно со нив ќе се одржи релативно стабилната епидемиолошка состојба во земјата, а ќе се зголеми и опфатот на вакцинација.
„Говорејќи за состојбата во државата, министерот образложи дека болниците се полнат со невакцинирани пациенти, односно процентот на невакцинирани, а хоспитализирани се движи од 75 отсто до 80 отсто. Ваков вид, но и доста поригорозни мерки има насекаде во регионот, Бугарија, Хрватска, Словенија, Грција, како и Австрија, Холандија и други“,
соопштија од Министерството за здравство.
Филипче вечерва ќе има состанок и со синдикатите, кои изминатиот период реагираа и бараа вакцинацијата да не се наметнува со присила, како и бесплатни ПЦР-тестови за вработените во јавниот сектор.
Од друга страна, пак, Лекарската комора, како и стопанските комори, дадоа целосна поддршка за мерките кои ги препорача Комисијата за заразни болести.
Предлог-мерките за кои утре ќе одлучува Владата подразбираат задолжителна вакцинација на здравствените работници, а до нејзино стапување на сила ќе се даде рок од 30 дена.
За вработените во јавниот сектор, пак, се предлага да се воведе задолжителна потврда за: вакцинација; или негативен ПЦР-тест кој ќе важи најмалку 72 часа; или потврда за прележан повик не постава од 45 дена или потврда од специјалист дека не лицето не може да се вакцинира.
За мерките за јавниот сектор се предлага да стапат на сила десет дена откако ќе бидат донесени на владина седница.
Истите мерки, но на ниво на препорака, а не задолжителни, се дадени и за приватниот сектор.