Спласнува притисокот врз болниците, иако не се целосно ослободени голем број на одделенија, бидејќи карактеристично за овој бран е влошувањата кај пациентите да настапуваат малку покасно, па оттука циклусот на ослободување на болничките капацитети доаѓа 2-3 недели подоцна
Состојбата со вирусот се смирува, епидемиолошката крива спласнува, а тоа го гледаме по бројот на новодијагностицирани случаи, веќе повеќе денови по ред се намалуваат, напиша денеска на својот фејсбук – профил министерот за здравство, Венко Филипче, по редовниот состанок со директорите на ковид – центрите.

На состанокот, била анализирана состојбата со ковид-19 во изминатите 24 часа. Според министерот Филипче, спласнува притисокот врз болниците, иако не се целосно ослободени голем број одделенија.
„Спласнува притисокот врз болниците, иако не се целосно ослободени голем број на одделенија, бидејќи карактеристично за овој бран е влошувањата кај пациентите да настапуваат малку покасно, па оттука циклусот на ослободување на болничките капацитети доаѓа 2-3 недели подоцна“,
напиша Филипче на Фејсбук.
Тој испрати апел до граѓаните на максимална внимателност и во периодот кој ни претстои.
Денешната ковид – статистика, како и претходните денови покажува намалување на бројот на новозаразени, но бројот на починати и натаму е висок.
И неделниот извештај на ИЈЗ за периодот од 5 до 18 април покажува пад на бројот на новозаразени и намалување на бројот на смртни случаи во споредба со неделата претходно.
Рестриктивните мерки кои беа воведени на 6 април, и требаше да траат до 20 април се продолжени за уште една недела.
