Добро е што има многу малку пациенти кои се дијагностицирани со ковид-19 на пунктовите, оцени денеска министерот за здравство Венко Филипче одговарајќи на новинарско прашање дали ќе треба да се сменат прашањата во епидемиолошката анкета врз основа на која се оценува дали некој треба да биде тестиран за коронавирус.
„Точно дека тие прашања се од почетокот и се однесуваат на тоа дали лицето имало контакт со странство, но матичните лекари се со искуство и технички може да се смени прашањето. Но тоа што е битно во моментов е дека има многу малку позитивни случаи од пунктовите каде што се тестираат лица врз основа на анкетата“,
рече Филипче.
Тој уште еднаш потенцира дека најголем број од позитивните случаи се оние на кои им пристапуваат епидемиолозите, односно оние кои имаат симптоми.