На Меѓународниот ден на здравјето, 7 Април, министерот за здравство Венко Филипче со видеопорака ја поздрави лекарската фела посочувајќи ја нејзината клучна улога во борбата со пандемијата на коронавирусот.
Министерот вели дека сите здравствени работници се мобилизирани за зачувување на јавното здравје и ги повика да се чуваат себеси за да можат да ги чуваат граѓаните бидејќи, како што вели, тешките денови допрва доаѓаат.
„Сега, здравството и здравствените работници се клучниот столб во државата. Знам дека во моментов носите огромен товарот. Заморот полека нè стига сите, а нè чекаат уште тешки денови. Но јас верувам дека секој од вас знае колку е важно да издржиме, да останеме посветени, сконцентрирани и да дадеме се од себе да им помогнеме на нашите сограѓани. Драги колеги, сега е многу важно да се грижите за себе и за своето здравје. Вие сте први на удар на вирусот и морате да се штитите. Без исклучок, штитете се на работното место, но и надвор од него. Грижете се за себе, за да можете и натаму да се грижите за пациентите. Овој ден е ваш ден, вие сте на пиедесталот“,
порача Филипче во своето видеообраќање.