Министерот за здравство Венко Филипче соопшти дека по консултација со Антикорупциската комисија, поради итноста, донесена е одлука денеска да се разреши директорката на Клиниката за кожни болести. Кај неа вчера беше потврдена зараза со коронавирус, но таа не пријавила кај надлежните дека патувала во Италија, туку тоа го сториле нејзини колеги. Директорката пет дена заразена одела на работа, иако препораките се 14 дена самоизолација.
„Ќе се назначи в.д. директор. И покрај тоа што немаме работен процес на Клиниката, сепак има тековни работи што некој треба административно да ги извршува“,
рече Филипче.
По вчерашниот случај со директорката, Клиниката за кожни болести е целосно затворена. Севкупниот персонал ќе биде во двенеделна домашна изолација, а пациентите се пуштени дома. Пациентите ќе може телефонски да контактираат со дел од докторите.
„Во текот на денот ќе дистрибуираме листа на повеќе доктори специјалисти по дерматовенерологија кои ги дадоа своите контакти за пациентите да им се обратат доколку е нешто потребно, за продолжување на терапиите или консултација. Со оглед на тоа што во најголем број од случаите патологијата е таква што бара само контрола или продолжување на терапијата мислам дека оваа мерка ќе им одговара на пациентите. За сите други итни работи, ние веќе го организираме работниот процес со доктори од болницата ‘8 септември'”,
рече министерот Филипче на денешната прес-конференција.
*Поврзани вести
Лекарска комора: Заразената директорка засега може да добие само јавна опомена
ОЈО за „360 степени“: Сѐ уште е рано за кривично-правна интервенција за заразената докторка