Авансот за вакцината на кинескиот производител „Синофарм“ го повлековме за наша сигурност, но тоа не значи дека вакцините нема да стигнат, изјави министерот за здравство Венко Филипче за Канал 5.
„Со оглед на тоа што самиот процес траеше подолго време од тоа што сите ние на почетокот планиравме, понатаму се бараа многу дополнителни документи, нешто што се случува практично со сите земји и на тоа многу често ни укажуваат, затоа се врати делот од средствата. Меѓутоа навистина преговорите овие денови, па дури и за време на викендот се во последна фаза и мислам дека целокупниот процес ќе се заврши и навистина вакцините за многу кусо време ќе пристигнат во нашата земја“,
рече Филипче.
За вакцините кои треба да пристигнат преку ковакс-механизмот, Филипче вели дека, според информациите што ги има, 20 до 30 илјади вакцини ќе стигнат во првиот квартал.
„Ги очекуваме вакцините да пристигнат во месец март, тоа се вакцини од производителот ‘АстраЗенека’. Интензивно, дополнително разговаравме и со претставниците на вакцината ‘Спутник В’. Верувам дека во текот на оваа недела ќе имаме конкретни податоци, конечно и од најавите на претставништвото на ‘Фајзер’ од Белград дека драфт-договорот ќе пристигне каде што веќе се разработени сите детали. Имавме интензивна комуникација со размена на бројни документи, мислам дека тој процес е навистина заокружен. Тоа што сега се очекува во делот на ‘Фајзер’ вакцината е да стигне драфт-договорот од адвокатската канцеларија на оваа компанија која е сместена во Њујорк“,
рече Филипче.
Вакцинацијата со „Фајзер“ се одвива одлично, додадава министерот и информираше дека досега се вакцинирани околу 2 400 здравствени работници.