Ако Министерството за внатрешни работи има нови или дополнителни информации во врска со мајката и синот кои беа пронајдени починати во Велес, информациите да ги споделат по службен пат со Институтот за судска медицина.
Ова го рече министерот за здравство Венко Филипче одговарајќи на новинарско прашање за тоа што пред два дена го соопшти првиот човек на МВР, Наќе Чулев.
Чулев рече дека според оперативните сознанија на Министерството за внатрешни работи (МВР), мајката и синот кои беа пронајдени починати во својот дом во Велес, не се починати во март, како што тврди судска медицина, туку дека тие биле починати кон крајот на јануари или почетокот на февруари.
Ова дополнително отвора дилеми во јавноста, дали коронавирусот бил присутен во земјава многу порано пред 26 февруари, кога беше официјално регистриран првиот случај на ковид-19 кај нас.
„Доколку МВР има информации кои не се споделени со Институтот за судска медицина во врска со овој случај, го повикувам тоа да го направи по службен пат. И сите други институции ако имаат информации за овој случај да ги споделат. Да повторам дека извештајот од судска медицина не е сè уште готов, но првичните информации беа дека починале во март“,
рече Филипче.