Министерот за здравство Венко Филипче вели дека се следи ширењето на новиот британски сој на ковид-19 и доколку се зголеми бројот на инфицирани лица постои можност од воведување засилени рестриктивни мерки. Во изјава за ТВ 24, Филипче вели дека засега нема потреба од такво нешто, а постојат две опции:
„Разговарав со претставници од британската амбасада кај нас, ја следиме ситуацијата, постојат две опции – или силниот бран се должи на мутацијата на вирусот, што значи дека ако значајно се зголеми бројот на случаи веројатно ќе треба воведување дополнителни рестриктивни мерки или едноставно станува збор за природен тек на епидемијата во тие земји, не само како резултат на мутацијата на вирусот. Засега, со овој процент на детекција на мутацијата на вирусот, нема потреба да се воведуваат нови рестриктивни мерки, но будно ја следиме ситуацијата и гледаме како ќе биде“,
вели Филипче.
Коментирајќи го текот на набавката на вакцини, Филипче рече дека во процесот нема политика. Вели дека фокусот бил ставен на компанијата „Фајзер“ бидејќи била најнапред во клиничките студии и добивањето сертификати, за разлика, на пример, од руската вакцина.
„Ние навремено реагиравме и ги почнавме разговорите со сите компании и механизми. Нема политика, исклучиво е прашање што ги следи правилата во делот на завршување на студиите и сите сертификати што компаниите ќе ги добијат. Сите земји се свртија кон компанијата ‘Фајзер’ бидејќи беше најнапредна во клиничките студии и добивањето сертификат. Како што сега се завршуваат сите други процеси на другите компании за кои знаеме дека се развиени на безбедни платформи, но беа поназад во административните процеси на добивање на документите, така ќе се зголемува достапноста. Ние ги следевме сите процеси на завршување на клиничките студии, така настапувавме кон компаниите. Во моментот кога стигна таа понуда за руската вакцина, таа беше во трета фаза на клинички студии. Немаме проблем, апсолутно тука нема политика. Има некои правила, мора да почекаме да завршат студиите“,
рече Филипче.