Филхармонија се откажа од парите кои Министерството за култура преку годишната програма им ги додели за меѓународно претставување на културата низ светот. Станува збор за 2 милиони и 300 илјади денари, а дополнително институцијата одвои 130 илјади денари од сопствениот буџет и ќе ги донира на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје.
„Се откажуваме од овие средства кои во моментов може да се пренаменат за многу поважни работи со оглед на состојбата со која се соочува нашата земја. Нашата институција ќе донира и 130 илјади денари од сопствениот буџет на Инфективната клиника во Скопје“,
вели Виктор Илиески, директор на Филхармонија.
Филхармонија продолжува со емитување на концерти на својот Јутјуб канал и на социјалните мрежи.
„Во овие моменти најважно е да се почитуваат препораките и сите да седат дома. Токму затоа го инициравме виртуелното дружење со нашиот оркестар, со врвните солисти и диригенти кои настапија на нашата сцена. Сакаме во овие тешки моменти да им го збогатиме секојдневието на нашите сограѓани со врвна музичка изведба. Музиката има терапевтска моќ, тоа го докажале безброј истражувања досега. Ако не можеме да помогнеме директно, како што тоа го прават неуморно здравствените работници, на кои сме им неизмерно благодарни, можеме барем индиректно преку моќта на музиката да им помогнеме на луѓето полесно да се соочат со предизвиците. Можеби звучи утописточки и романтично, но ние сакаме да веруваме дека музиката може да го спаси светот“,
додава Илиески.