Судот делумно го прифати предлогот на обвинителката односно го одби барањето за забрана за напуштање на живеалиштето (Скопје), но одлучи да им ги одземе пасошите на Гури и Алими
Откако беше соопштена пресудата во „Титаник 3“ со која Исмет Гури и Ејуп Алими добија затворски казни, обвинителката Фатиме Фетаи побара судот да им изрече мерки на претпазливост поради опасноста од бегство.
*Поврзана вест: По 3 години и 6 месеци затвор за Исмет Гури и Ејуп Алими во „Титаник 3“
Поради актуелната состојба во државата, рече таа, мерките што ги предлага се забрана за напуштање на живеалиштето (во случајот Скопје) и одземање на пасошите.
„Првата е најцелисходна ако се има предвид целата ситуација во државата. Во ваква ситуација на вонредна состојба, оваа мерка е единствената што може да се очекува сега да даде резултат. Втората мерка ќе биде од целосно значење и ќе даде резултат кога ќе заврши вонредната состојба. Размислував за предлагање и на други мерки, како што е обврската пријавување кај надлежен орган, но во ваква ситуација не е потребно и не е коректно да се предизвика дополнителен ризик по здравјето“,
рече Фетаи.
Одбраната, пак, приговараше на предлогот на обвинителката посочувајќи дека обвинетите во изминатиот период доаѓале на судските рочишта и нема причини за сомнеж дека ќе избегаат за разлика од некои лица кои ја напуштиле државата, а во предметот, посочија, биле наводно само сведоци.
Судот, пак, делумно го прифати предлогот на обвинителката Фатиме Фетаи односно го одби барањето за забрана за напуштање на живеалиштето (Скопје), но одлучи да им ги одземе пасошите на Гури и Алими.