Со редуциран број на гости кои дојдоа со заштитни маски, на Античкиот театар во Охрид вечерва беше отворено јубилејното 60-то издание на фестивалот „Охридско лето“. Манифестацијата започна со познати арии во изведба на уметниците Марија Јелиќ, Дарио Ди Виетри, Иван Томашев и Аманда Стојовиќ, во пијано придружба на маестро Миливое Велиќ.
Вечерашниот концерт е посветен на незаборавната оперска примадона Ана Липша – Тофовиќ. Токму со нејзиниот концерт одржан на денешен ден во 1961 година, фестивалот почна да ја испишува својата биографија.
Фестивалот за отворен го прогласи претседателот на РСМ, Стево Пендаровски кој како покровител на манифестацијата упати честитки за шестдецениското опстојување.
„Да се организира ‘Охридско лето’ во услови на ковид-19 не е воопшто лесно, но е апсолутно неопходно. Веќе 60 години оваа манифестација е модел за врвни естетски достигнувања на меѓународно ниво. Во исто време, ова е фестивал на креативни поединци кои се исправаат наспроти деструктивните тенденции. Се разбира дека од ваквите потфати на уметничко здружување и политиката може да учи за тоа како се создаваат слободни, отворени, еманципирачки, динамични јадра што ја потврдуваат убавината на различностите“,
рече шефот на државата.
Пред публиката се обрати и министерот за култура во заминување Хусни Исмаили, кој изрази задоволство што фестивалот е постар од голем дел од присутните вечерва на Античкиот театар.
До 30 август на отворените сцени на Античкиот театар, Долни Сарај, Предворјето на „Света Софија“, како и во самата црква ќе настапат околу 300 уметници од 19 земји, како и голем број домашни уметници.
Управата на фестивалот однапред најави дека независно од интересот кај публиката за некоја од понудените содржини, во ниту еден случај нема да се дозволи пречекорување на однапред предвидениот број седишта.