Според „Политико“, американскиот окружен судија Ројс Ламберт рекол дека брзањето на администрацијата да го распушти Гласот на Америка (VOA) и сродните новински организации финансирани од Американската агенција за глобални медиуми (USAGM) резултирало со суспензија на стотици новинари и вработени

Федерален судија ѝ нареди на администрацијата на претседателот Доналд Трамп да го врати Гласот на Америка велејќи дека со напорите за уништување на 80-годишниот информативен сервис финансиран од владата веројатно се прекршени и законот и Уставот.
Според „Политико“, американскиот окружен судија Ројс Ламберт рекол дека брзањето на администрацијата да го распушти Гласот на Америка (VOA) и сродните новински организации финансирани од Американската агенција за глобални медиуми (USAGM) резултирало со суспензија на стотици новинари и вработени.
„Ова доведе до опасност некои странски дописници да бидат депортирани во нивните матични земји, а замолчувањето на Гласот на Америка, првпат по 80 години, исто така лиши стотици милиони слушатели од сигурен извор на вести во делови од светот кои немаат слободни медиуми“,
рече Ламберт.
Тој, исто така, рече дека администрацијата практично не понудила никакво оправдување за драконските намалувања, сугерирајќи дека работи на усогласување со извршната наредба на претседателот Доналд Трамп од 14 март, која повикува на значителни намалувања на агенцијата.
„Сепак, намалувањата беа толку длабоки што веројатно ја прекршиле дури и наредбата на Трамп програмите да продолжат да функционираат со законски задолжителни минимални нивоа на услуга“,
додаде судијата Ламберт.
Судијата ѝ нареди на администрацијата на Трамп веднаш да ги врати сите вработени и програмата на Гласот на Америка за да го исполнат законскиот мандат да служат како постојан сигурен и авторитетен извор на вести“.
Трамп и неговите сојузници го осудија Гласот на Америка како бастион на идеологијата на „крајната левица“ и посочија дека тоа не им служи на интересите на американската влада.
Над 1 300 вработени во Гласот на Америка, вклучувајќи околу 1 000 новинари, беа отпуштени по наредбата на претседателот Доналд Трамп. Белата куќа го обвини радиодифузерот дека е против Трамп и радикален.
Гласот на Америка, првично како радиосервис, беше основан за време на Втората светска војна за да ѝ се спротивстави на нацистичката пропаганда и стана голем глобален медиумски емитувач, пишува Би-би-си.