Претходно денеска специјалниот агент на ФБИ, Роберт Болс, изјави дека го пронашле оружјето за кое веруваат дека било користено во вчерашното пукање во кое смртно беше застрелан Кирк
Американското Федерално истражно биро (ФБИ) денеска на социјалните мрежи објави фотографии од осомничениот за убиството на Чарли Кирк, еден од верните сојузници на претседателот на САД, Доналд Трамп.

Во објавата на социјалната платформа Икс, од одделот на ФБИ во Солт Лејк Сити бараат помош од јавноста за идентификување на лицето за кое постојат сомневања дека пукало во Кирк.
„Се бара помош од јавноста за идентификување на ова лице во врска со фаталното пукање врз Чарли Кирк на Универзитетот во Јута Вали“,
се вели во објавата на социјалната мрежа.
We are asking for the public's help identifying this person of interest in connection with the fatal shooting of Charlie Kirk at Utah Valley University.
— FBI Salt Lake City (@FBISaltLakeCity) September 11, 2025
1-800-CALL-FBI
Digital media tips: https://t.co/K7maX81TjJ pic.twitter.com/ALuVkTXuDc
Претходно денеска специјалниот агент на ФБИ, Роберт Болс, изјави дека го пронашле оружјето за кое веруваат дека било користено во вчерашното пукање во кое смртно беше застрелан Кирк.
Како што изјави Болт, станува збор за моќна пушка, која била пронајдена во пошумена област каде што властите веруваат дека стрелецот избегал.
Истражителите, исто така, пронашле отпечаток од стапало и отпечаток од подлактица кои се дадени на понатамошни анализи, пренесуваат светските медиуми.
Специјалниот агент во изјавата најави и дека поседуваат фотографија од напаѓачот, која ќе ја објават, како и дека ги вложуваат сите ресурси за негово пронаоѓање. Подоцна денеска фотографите се објавени заедно со повикот за помош од граѓаните за идентификување на осомничениот.
Комесарот на Одделот за јавна безбедност на американската сојузна држава Јута, Бо Мејсон, изјави дека осомничениот според изгледот најверојатно е на возраст вообичаена за лица кои се на колеџ и дека најверојатно бил добро интегриран во академската заедница.
Мејсон изјави дека осомничениот, облечен во темна облека, пристигнал во близина на кампусот во 11:52 часот по локално време и дека истражителите ги следеле неговите движења со камера во кампусот. Осомничениот се движел по скалите преку кои стигнал до кровот на местото од каде што стрелал кон Кирк.
По пукањето, тој скокнал од покривот и избегал од кампусот во блиската населба, рече Мејсон.
Кирк беше застрелан во вратот додека одговараше на прашања на Универзитетот во Јута Вали. Веднаш беше префрлен во локалната болница, но подоцна им подлегна на повредите.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, денеска говорејќи на комеморацијата за жртвите во нападите на 11 септември 2001 година објави дека постхумно ќе го одликува Чарли Кирк со Претседателскиот медал за слобода.
Медалот е највисокото цивилно одликување во САД. Се доделува на луѓе кои дале „исклучително заслужен придонес за просперитетот, вредностите или безбедноста на нацијата, светскиот мир или други значајни јавни или приватни потфати“.
Убиството на Кирк предизвика многубројни реакции низ целиот политички спектар во Соединетите Американски Држави.
„Почивај во мир“,
напиша потпретседателот на САД, Џеј-Ди Венс, на социјалните мрежи.
Осуди за нападот стигнаа и од демократите кои повикаа на смиреност.
„Нема место во нашата земја за ваков вид насилство. Мора да заврши сега“,
напиша поранешниот претседател на САД, Џо Бајден, на платформата Икс.
Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, кој доаѓа од редовите на демократите кои се против ставовите на Кирк, нападот го нарече „одвратен, подмолен и срамен“.
Габриел Гифордс, поранешна демократска конгресменка која преживеа обид за атентат, исто така, рече дека е згрозена од нападот.
Инаку, убиството на Кирк се случува три месеци откако едно лице во сојузната држава Минесота застрела и уби демократска пратеничка и нејзиниот сопруг во нивниот дом.
По вчерашното убиство на Кирк, во САД се засили дебатата, но и обвинувањата меѓу политичките актери од спротивставените табори за политички мотивираните убиства.