Научници од повеќе универзитети и институти направија истражување за тоа која вакцина создава најмногу антитела на ковид-19, сепак, РДИФ ги оспорува добиените резултати бидејќи вели дека поминало повеќе време помеѓу аплицирањето на „Спутник В“ и мерењето на антителата отколку кај други вакцини
Вакцините на компанијата „Фајзер/Бионтек“ создаваат најсилен имунолошки одговор на ковид, додека луѓето вакцинирани со „Синофарм“ можеби се најподложни на инфекција. До ваков заклучок дошле научници кои спрoвеле истражување во Монголија каде што биле достапни вакцините на „Фајзер/Бионтек“, „Синофарм“, „Спутник“, „Астра Зенека“.
Научното истражување е објавено во списанието „Cell Host & Microbe“, а истражувачите утврдиле дека нивоата на неутрализирачки антитела на САРС-Ков-2 варираат во секоја од четирите вакцинални групи.
Релативно ниското ниво на антитела е забележано кај вакцините „Синофарм“ и „Спутник“, просечното ниво има кај вакцините на „Астра Зенека“, а најголем број антитела создава вакцината на „Фазер“, објавено е во споменатата студија, пренесува „Блумберг“.
Причината за различните имунолошки реакции меѓу вакцините е предмет на интензивно истражување. Се претпоставува дека вклучува фактори како што се количината на активни состојки во секоја доза и интервалот помеѓу првата и втората доза, велат авторите од Универзитетот „Стенфорд“, Фондацијата „Оном“ и Националниот центар за зоонотични болести во Улан Батор.
Варијациите во начинот на кој се даваат вакцините, исто така, може да имаат улога во резултатите.
Оние што примиле „Синофарм“, кои сочинуваа 89,2 отсто од вакцинираните во тоа време во Монголија, како и помал број луѓе кои примиле вакцини „Спутник В“ или „Астра Зенека“, би можеле да бидат подложни на ковид, и покрај имунизацијата, велат авторите на студијата.
Рускиот фонд за директни инвестиции (РДИФ), кој учествувал во развојот на вакцината „Спутник В“ и е задолжен за нејзина меѓународна дистрибуција, вели дека споредбите во студијата биле погрешни бидејќи поминало повеќе време помеѓу аплицирањето на „Спутник В“ и мерењето на антителата отколку кај другите вакцини. Исто така, луѓето кои примиле „Спутник“ се во просек 10 години постари од луѓето кои примиле други вакцини, додава РДИФ.
Студијата е направена меѓу 196 ревакцинирани лица во Монголија, каде што биле користени сите четири вакцини.