Пред една недела „360 степени“ направи мини-истражување на интернет-продавниците на трите најголеми синџири продавници за бела техника и електроника во земјата, кое нѐ донесе до заклучокот дека во земјата речиси и да нема компјутери по достапни цени за македонскиот стандард.
А компјутерите, пред сѐ преносните, се неопходна алатка за онлајн-настава, која ја посетуваат речиси сите ученици од IV одделение основно образование до IV година средно образование.
„360 степени“ тогаш се обрати и до продавниците „Нептун“, „Техномаркет“ и „Сетек“ со прашања – зошто има недостиг и кога може да се очекува да стигне нова стока.
Има проблеми со производството
Одговор на поставените прашања, до овој момент, добивме само од компанијата „Сетек“. Од овој синџир на продавници велат дека проблемот е пред сѐ во производството, односно дека има недостиг на компоненти за да може да се направи финалниот производ.
„Полека почнуваат да пристигнуваат сѐ повеќе извештаи за последиците од епидемијата на коронавирусот врз ИТ-индустријата. Производствените погони, како што знаеме, пред некој месец повторно го стартуваа производството на преносни компјутери во фабриките, но се соочуваат со недостиг на компоненти. Таквиот развој на настаните сигурно ќе ги променат проценките врзани за бројот на испорачани лаптопи на глобално ниво оваа година, што, впрочем, веќе се почувствува во изминатиот квартал“,
велат од „Сетек“.
Дополнително отежнување, велат од компанијата, е зголемена побарувачката на ИТ-опрема, и тоа не само кај нас. Се надеваат дека пазарот ќе се стабилизира, но временскиот рок е „засега“.
„Ние, ‘Сетек’, како општествено одговорна фирма, вложуваме максимални напори да обезбедиме што поголем број сметачи по пристапна цена и искрено се надеваме и сме оптимисти дека наскоро ќе се стабилизира ИТ-индустријата“,
За лаптоп се чека и во САД, Велика Британија, Индија…
Дека Македонија не е изолиран случај, покажуваат многубројните новинарски текстови од целиот свет, вклучувајќи ги и оние од најразвиените и најбогати земји.
Кај нас недостигот се почувствува на крајот на септември, односно последните денови пред стартот на новата учебна година. Во САД, приказната е иста само што се одвива еден месец порано.

„Ју-ес-еј тудеј“ на 23 август пишува дека училиштата низ САД се соочуваат со проблем да обезбедат лаптопи за почетокот на учебната година. Испораката на нарачаната опрема се одложува и неколку месеци.
На почетокот на септември слична сторија има и Си-ен-ен. Новинарите го споредуваат недостигот на лаптопи во САД со недостигот на тоалетна хартија и на квасец на почетокот на ковид-19 кризата.
Велика Британија, Индија, земјите од Блискиот Исток, се само дел од другите држави кои се споменуваат како големи пазари со најсериозен недостиг на ИТ-опрема.