Состојбата со коронавирусот и брзото ширење на британскиот сој на вирусот ги натераа европските земји да ги задржат или да воведат нови построги ограничувања.
Откако парламентот во Чешка одби да ја продолжи вонредната состојба, Владата на премиерот Андреј Бабиш прогласи нова. Чешките власти веќе најавија дека од понеделник граѓаните нема да може да ја напуштаат својата општина, а од вчера се забрани и патување во неколку африкански и јужноамерикански земји, каде ризикот од зараза со новите мутации е висок. Чешка важи за една од најпогодените земји и веќе надмина 20 000 смртни случаи од ковид-19.
Италија, пак, воведе построги мерки во 5 од вкупно 20 региони. Во зависност од степенот на заразата, регионите во четири зони: бела, жолта, портокалова и црвена. Мерките се ревидираат на неделно ниво и првпат од крајот на јануари регионите Базиликата и Молизе се ставени во црвената зона што значи дека се затвораат баровите и рестораните, како и несуштинските продавници, остануваат отворени само продавниците за храна. Движењето на граѓаните, пак, строго се ограничува.
Ломбардија, Пиемонт и Марке, пак, се префрлија во портокалова фаза. Тоа значи дека и таму се затвораат рестораните и баровите, а рестрикциите во движење се однесуваат на забрана за напуштање на градовите.
Франција, пак, овој викенд делумно ги затвори деловите каде се појавија нови жаришта, како што се Ница и крајбрежјето околу Денкерк. Што се однесува до Париз, пак, заменик-градоначалникот Емануел Грегоар вчера најави дека ќе бара од владата план за тринеделно заклучување на главниот град.
Германија исто така се соочува со зголемување на бројот на заразени и таму се во сила строгите мерки, така што се затворени сите продавници, освен за храна, како и училиштата, рестораните, кафулињата и баровите, фризерниците, трговските центри …
Шпанија го задржа полицискиот час во сите делови на земјата најдоцна до мај, а на луѓето им е дозволено да одат надвор само за работа, образование и купување лекови или во случаи кога е потребна помош за стари лица и деца. Во Шпанија веќе е на сила забрана за патници од Велика Британија, а ограничувања има и на патници од Бразил и Јужноафриканската република.