„Се разбира, ние не сакаме да се мешаме во внатрешните работи на Франција, никогаш не сме го правеле тоа…Но, генерално, нашите набљудувања на европските престолнини покажуваат дека тие воопшто не се колебаат да одат подалеку од демократијата за време на политичкиот процес“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков
Унгарскиот премиерот Виктор Орбан, кој одржува добри односи со Москва, својата поддршка за француската политичарка ја изрази преку објава на платформата Икс, во која на француски јазик напиша: „Јас сум Марин“
Пресудата на француски суд против Марин Ле Пен ги разбесни крајнодесните популисти низ Европа, а реакција за одлуката на судот и поддршка за десничарската популистика стигна и од Кремљ. Ле Пен од суд во Париз е прогласена за виновна во случај за проневера на пари од европски фондови кои биле користени за финансирање на нејзината крајнодесничарска партија Национален собир.

Со пресудата, како што пренесоа светските медиуми, француската политичарка е осудена на четири години затвор и пет години забрана за кандидадирање на избори, што значи дека таа нема да може да учествува во трката за претседател на Франција во 2027 година.
Москва пресудата за Ле Пен ја оцени како „газење на демократските норми“, а критиките ги пренесе портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Се повеќе европски престолнини тргнуваат по патот на газење на демократските норми. Се разбира, ние не сакаме да се мешаме во внатрешните работи на Франција, никогаш не сме го правеле тоа…Но, генерално, нашите набљудувања на европските престолнини покажуваат дека тие воопшто не се колебаат да одат подалеку од демократијата за време на политичкиот процес“,
вели Песков.
Освен од лидерите на крајнодесничарските партии во Франција, одлуката на судот ја критикуваа и нејзините поддржувачи од други европски држави, меѓу кои унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Лидерот на екстремната десница во Холандија, Герт Вилдерс пресудата ја оцени како „строга“, велејќи оти се надева дека Ле Пен сепак ќе успее да ја добие жалбата и дека ќе биде иден претседател на Франција.
„Шокиран сум од неверојатно тешкара пресуда против Марин Ле Пен. Ја поддржувам и верувам во неа 100 проценти. Верувам дека ќе ја добие жалбата и ќе стане претседател на Франција“,
вели Вилдерс.
Уште еден од сојузниците на Ле Пен, италијанскиот вицепремиер Матео Салвини одлуката на судот ја нарече „објава на војна од страна на Брисел“.
„Пресудата против Марин Ле Пен е објава на војна од Брисел, во време кога воинствените импулси на Фон дер Лајен и Макрон се застрашувачки. Нема да бидеме заплашени, нема да застанеме“,
напиша Салвини на социјалните мрежи.
Унгарскиот премиерот Виктор Орбан, кој одржува добри односи со Москва, својата поддршка за француската политичарка ја изрази преку објава на платформата Икс, во која на француски јазик напиша: „Јас сум Марин“.
Je suis Marine! @MLP_officiel
— Orbán Viktor (@PM_ViktorOrban) March 31, 2025
Инаку, покрај Ле Пен, судот во Париз денеска за виновни прогласи и уште пратеници од нејзината партија.
Инаку, лидерката на Национален собир е прогласена за виновна за проневера на 474 илјади евра поради фиктивно вработување на четворица партиски помошници.
Ле Пен заедно со уште 24 други функционери од нејзината партија беа обвинети дека пренасочиле повеќе од три милиони евра од средствата на Европскиот парламент за да ги платат ангажираните асистенти кои работеле во партијата во период од 2004 до 2016 година.
Обвинетите тврдеа дека парите биле користени легално.
Адвокатот на Марин Ле Пен, Родолф Боселут, потврди дека лидерката на екстремната десница ќе поднесе жалба на нејзината пресуда за проневера на јавни средства, пренесе „Гардијан“.
Тој за пресудата против неговата клиентка рече дека e „удар за демократијата“ во Франција.