Партијата на европските социјалисти (ПЕС) денеска го поздрави коалицискиот договор за нова влада, кој вчера го објавија СДСМ и ДУИ, а според кој Заев ќе биде премиер во целиот мандат со тоа што 100 дена пред следните избори функцијата ќе ја отстапи на кадар на ДУИ.
„Ова е одличен момент за Северна Македонија. Под постојаното раководство на Зоран Заев, земјата сега може да продолжи по својот демократски, европски пат. Го поздравуваме постигнатиот договор и се надеваме на брз напредок, така што новата влада предводена од Зоран Заев ќе биде одобрена и од парламентот и ќе може да почне со работа“,
вели претседателот на ПЕС Сергеј Станишев.
Според Станишев, СДСМ и Зоран Заев, биле движечката сила зад позитивните промени во Северна Македонија.
„Благодарение на нив, невработеноста се намали, социјалните услови се подобрија, а Северна Македонија влезе во НАТО и го расчисти патот за идното пристапување во ЕУ. Европското социјалдемократско семејство е целосно посветено на поддршката на Зоран Заев, новата влада и цела Северна Македонија бидејќи го прави своето патување кон прогресивна, европска иднина“,
нагласува лидерот на ПЕС.
