Од албанскиот опозициски блок велат дека ќе ги информираат сите меѓународни институции и амбасадите на пријателските земји како САД и Европската Унија доколку власта се обиде да ја задржи Државната изборна комисија под целосна контрола и ја остави без претставници на албанската опозиција
Европскиот сојуз за промени, кој го сочинуваат опозициските партии од албанскиот политички блок – Алтернатива, Беса и Демократско движење – бара од претседателот на Собранието да го почитува Уставот и да се избере член на опозицијата во Државната изборна комисија (ДИК).
Коалицијата на трите партии за оваа позиција го предложи Абдуш Демири, кој е член на Демократското движење на Изет Меџити.
„Конкурсот за избор на член на Државната изборна комисија е веќе затворен, исто така претседателот на Собранието г. Талат Џафери e информиран, дека кандидат на Европскиот сојуз за променa е г. Абдуш Демири. Откако поминаа 24 часа и откако со службен допис беше известен првиот човек на Собранието, бараме што поскоро да постапи согласно Уставот и соодветните закони во кои јасно стои дека опозицијата мора да има свој претставник на Државната изборна комисија“,
се вели во писменото соопштение на Европскиот сојуз за промени.
Оттаму велат дека со адекватно дејствување на претседателот на Собранието ќе се докаже дека власта сака следните избори да бидат фер, демократски и транспарентни.
„Во спротивно, ќе се сфати дека Владата, чиј дел е и претседателот на Собранието, се подготвуваат претстојните избори да бидат изманипулирани, недемократски и без претставници на албанската опозиција. А со ваков пристап ќе има негативно влијание врз меѓународните институции и врз процесот на европска интеграција на земјата“,
велат од опозициската коалиција.
Според нив, првите индиции за изборна манипулација веќе ги дал министерот за надворешни работи Бујар Османи кој како претседавач со ОБСЕ се обидел да го намали бројот на набљудувачи на оваа меѓународна организација која ги надгледува и оценува изборните процеси.
„Ја известуваме јавноста, а и државниот врв дека доколку се обидат да ја задржат целосно под контрола Државната изборна комисија и да ја остават без претставници на албанската опозиција, тогаш ние од следната недела ќе ги информираме сите меѓународни институции и амбасадите на пријателските земји како што се САД, Европската Унија, но и на други европски земји“,
велат од Европскиот сојуз за промени додавајќи оти се надеваат дека Владата ќе го стави државниот интерес пред партискиот и личниот интерес.
По именувањето на Кренар Лога од Алијанса за Албанците за министер за правда се испразни едно место во ДИК кое треба да биде пополнето со претставник од опозицијата.
Предлогот на Европскиот сојуз за промени за член на ДИК, Демири, кој е член на движењето Беса, во 2020 година беше назначен за директор на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија.
Инаку, пратеникот од редовите на Беса, Фадил Зендели, во петокот на прес-конференција, на која информира за нивниот предлог за член на ДИК, во одговор на новинарско прашање рече дека немаат информации дали и Алијанса за Албанците предложила нивен кандидат за испразнетото место во ДИК.
„Не знаеме дали имаат предлог, треба службите да имаат информација, тие се оние кои ги оценуваат кандидатите и условите кои ги исполнуваат кандидатите, но тоа не е наш проблем затоа што законот е многу јасен. Законот јасно укажува каква е поделбата на Државната изборна комисија, во моментот има четворица членови од мнозинството, три членови има опозицијата, значи недостасува еден член од опозицијата, јасна е ситуацијата дека ние сме парламентарна група од опозиција и законот е јасен и недвосмислен за какви било манипулации“,
рече Зендели.