„Овој обид за изборен инженеринг има за цел да го промени односот на бројките во Собранието преку политички договор на маса. Со политички договори и монструозен антидемократски план, зготвен во партиските штабови на ВМРО, СДСМ и ‘Вреди‘, се прави обид да се наруши волјата на граѓаните“, се вели во соопштението од оваа коалиција
Со голема загриженост ги проследивме денешните скандалозни и заканувачки изјави на лидерите на опозицијата кои изгубија на претседателските и парламентарните избори кон Управниот суд, соопштија попладнево од коалицијата „Европски фронт“.
Оттаму велат дека за заканите ја известиле целата меѓународна заедница и сите локални и меѓународни институции за јавните изјави со закани, како и обидот за изборен инженеринг со надворешноинституционални меѓупартиски договори за гласање и надгласување во Државната изборна комисија, како и за партиските притисоци до Управниот суд.

„Овој обид за изборен инженеринг има за цел да го промени односот на бројките во Собранието преку политички договор на маса. Со политички договори и монструозен антидемократски план, зготвен во партиските штабови на ВМРО, СДСМ и ‘Вреди‘, се прави обид да се наруши волјата на граѓаните“,
се вели во соопштението од „Европскиот фронт“.
За скандалозна демонстрација ја оценуваат седницата на ДИК за, како што велат, прегласување и суспендирање на принципите на Охридскиот договор.
Од „Европскиот фронт“ ги повикуваат институциите да постапат согласно законите, без партиски и политички директиви од која било партија, со цел, како што пишува во соопштението, да се заштити кредибилитетот на изборниот процес без да се стави дамка на волјата на граѓаните.
Попладнево, Управниот суд ја прогласи за неоснована една од седумте тужби на коалицијата „Европски фронт“ за решението на Државната изборна комисија (ДИК) за прифаќање на приговорот од коалицијата „Твоја Македонија“ за избирачкото место 1194 во Општина Крушево на парламентарните избори.
Коалицијата „Европски фронт“ поднесе седум тужби против решенија на ДИК на парламентарните избори 2024. За сите се оформени предмети и закажани во текот на денешниот ден.