Барањата од Советот на Европа, кои ги имаат од „Европски фронт“, се испраќање независна експертска мисија за проценка на независност на истрагата, иницирање дебата во Парламентарното собрание на Советот на Европа, да се побара мислење од Венецијанската комисија за влијанието врз обвинителството и ангажирање на ГРЕКО за истрага на политичко влијание врз обвинителските одлуки
Пратеничката група на „Европски фронт“, предводена од Демократската унија за интеграција (ДУИ), испратила писмо до четири тела на Советот на Европа во кое бара итна експертска проценка на, како што велат, селективната правда по пожарот во т.н. кабаре во Кочани, во кој животот го загубија 59 лица, а речиси 200 се повредени.
Писмото, како што пишува во денешното соопштение од „Европски фронт“, е адресирано до Мајкл О’Флахерти, комесар за човекови права, Клер Бази, претседателка на Венецијанската комисија, Ливија Стоика Бехт, извршна секретарка на ГРЕКО (Група држави против корупција) и до претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Теодорос Русопулос.
„Во писмото, пратениците изразуваат загриженост за скандалозно политички мотивирани истраги кои ги таргетираат само поранешни функционери, додека сегашни носители на функции – кои имале институционална надлежност речиси цела година пред трагедијата – се оставени надвор од секој процес“,
се вели во соопштението од „Европски фронт“.
Во писмото, како што велат од пратеничката група, посочиле и на „директното трансакциско вмешување на премиерот во Обвинителството и во самата истрага, како и јавната парада и злоупотреба при приведување на поранешен министер“.
Барањата од Советот на Европа, кои ги имаат од „Европски фронт“, се испраќање независна експертска мисија за проценка на независност на истрагата, иницирање дебата во Парламентарното собрание на Советот на Европа, да се побара мислење од Венецијанската комисија за влијанието врз обвинителството и ангажирање на ГРЕКО за истрага на политичко влијание врз обвинителските одлуки.
Пратениците од „Европски фронт“ велат дека правдата мора да биде еднаква за сите и не смее да зависи од политичка припадност бидејќи, како што велат оттаму во писмото, селективната правда го поткопува владеењето на правото и ја нарушува довербата на граѓаните во институциите.
Вчера од опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ) рекоа дека бараат Европската комисија (ЕК) одблизу да ја следи истрагата за трагедијата во Кочани со оглед на тоа што, како што оценуваат, власта ги обвинува сите околу себе за да ги заштити оние што биле одговорни да ја спречат оваа трагедија.
ДУИ ја повика Европската комисија да испрати правни експерти за директно да се вклучи во овој случај со засилен мониторинг, а потоа со својата експертиза и сознанија да помогне на собраниската комисија која треба да се воспостави под меѓународен надзор.
За трагедијата во Кочани, од ДУИ во четвртокот соопштија дека пратениците од коалицијата „Европски фронт“ ќе поднесат официјално барање за формирање посебна парламентарна комисија која ќе го истражи, како што велат, селективниот пристап на правосудниот систем во истрагата.
Од владејачката коалиција „Вреди“, коментирајќи го барањето на „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ за формирање посебна парламентарна комисија во Собранието, рекоа дека Демократската унија за интеграција се обидува да глуми жртва барајќи истрага само за трагедијата во Кочани.