Косово нема да бара членство во Обединетите нации без експлицитна согласност на сите пет постојани членки на Советот за безбедност на ОН – Франција, Велика Британија, САД, Русија и Кина. Ова се наведува во документот што го објави српска „Нова“, а го изработиле дипломати кои работат на Патоказот за имплементација на европскиот договор за Косово. На овој начин се прави обид да се најде решение за противењето на Србија да се согласи со прием на Косово во сите меѓународни организации, вклучително и во ОН, што се толкува како неформално признавање на независноста, пишува „Нова“.
Согласноста на Србија за прием на Косово во сите меѓународни организации е предвидена во точка 4 од предлог-договорот и е главниот приговор на Србија. „Нова“ вечерва го објави одговорот кој го има добиено од европските дипломати на овој приговор на Србија, кој ќе биде дел од Патоказот за спроведување на договорот.
Признавањето како услов за влез во ЕУ
Во документот насловен „Договор за патот кон нормализација меѓу Косово и Србија – имплементација на член 4“ се наведува дека овој предлог е инспириран од Основниот договор за двете Германии од 1972 година и дека не се работи за меѓусебно признавање, туку за мирен соживот и соработка.
„Сојузна Република Германија никогаш не ја призна Германската Демократска Република и обратно. Меѓутоа, Основниот договор од 1972 година им овозможи на двете Германии да ја прифатат реалноста на постоењето на другата. Ова, исто така, им овозможи на западните земји да развијат односи со ГДР. Доколку Србија и Косово продолжат со решителноста за влез во Европската Унија, наскоро ќе дојде до целосна нормализација преку заемно признавање. Засега соживот преку соработка и мирни односи, без разлика на разликите, е единственото нешто што меѓународната заедница го бара од Србија и Косово“,
се наведува во документот што европските дипломати го подготвиле како додаток на Патоказот за имплементација на европскиот договор.
Кога станува збор за несогласувањата за точката 4, се наведува следново:
„Српските власти тврдат дека фактот што Србија не се противи на членството на Косово во ОН претставува кршење на основната позиција на Србија да не го признае Косово како суверена и независна земја. Според нивното мислење, членството во ОН е исклучиво за суверени и независни држави, па затоа согласноста подразбира индиректно признавање. Тоа не мора да биде случај“.
Во прилог на ова се наведуваат примерите на Украина и Белорусија, како и случајот со Израел.
Само со согласност на постојаната петорка
Потоа се посочува дека Србија треба да биде свесна за своите ограничувања и дека нејзиното противење не мора да биде пречка за прием на Косово во ОН.
„Членството на Косово во ОН зависи исклучиво од формалната согласност на петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН. Косово нема да претендира за членство во ОН без експлицитна согласност од постојаната петорка“,
пренесува „Нова“.
На овој начин, како што наведуваат европските дипломати, се признава важноста на Русија и Кина како геополитички играчи, а тоа е симболичен гест кон Москва и Пекинг. Сметаат дека на овој начин и се излегува во пресрет на сензитивноста на Србија за членство на Косово во ОН и посочуваат дека Косово нема ништо ако претендира за членство во ОН без изречна согласност на постојаната петорка.
Во заклучокот се наведува дека Србија со својот конструктивен пристап ја стекнува наклонетоста на Западот, но може да претрпи и сериозни последици.
Ќе го изгубите и Косово и поддршката од Западот
„Во однос на последната точка, Србија треба да биде свесна дека во променливите геополитички околности и растечките тензии меѓу Западот и Истокот, можно е многу брзо да се постигне договор за стабилизација. Членството на Косово во ОН би можело да заврши со овој аранжман. Во тоа сценарио Србија би изгубила сè, вклучително и Косово и неопходната поддршка од Западот. Овој едноставен додаток на договорот, во кој не стои ништо друго освен очигледното, може да стане полиса за осигурување на Србија“,
се заклучува во документот.
На неодамнешната средба во Брисел, на која присуствуваа српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти, двете страни го прифатија европскиот договор за Косово. Високиот европски претставник Жозеп Борел изјави дека двете страни се согласиле дека не се потребни натамошни разговори за договорот.
Курти по средбата изјави дека бил подготвен да потпише, но дека српската страна одбила да го стори тоа.
Еден ден подоцна, Вучиќ зборуваше за ова во интервју за РТС. Тој тогаш рече дека проблемот е токму во точката 4, која подразбира прием на Косово во сите меѓународни организации. На прашањето дали тука се вклучени и Обединетите нации, Вучиќ одговори:
„Се разбира, затоа не потпишав. Решението е во имплементацијата, односно патоказот што се изработува, а кој треба да го пропише начинот на кој двете страни ќе го спроведат договорот“,
додаде Вучиќ.