Европската унија иницира помирување и дијалог меѓу власта и опозицијата во Македонија преку серија средби на кои би се разговарало за теми за кои постојат разлики. Оваа информација за „360 Степени“ на ТВ Алсат-М ја потврдува известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Иво Вајгл. Тој објаснува дека идејата веќе била ставена на маса за време на последната негова посета на Скопје, заедно со колегите Флекенштајн и Кукан, непосредно по изборот на новата влада.
„Се договоривме дека ќе понудиме еден механизам, една трибина со која располага Европскиот парламент, а тоа е процесот на дијалог „Жан Моне“. Станува збор за испробан начин да се повикаат лидерите на сите парламнетарни партии во куќата на Жан Моне близу Париз и низ отворен и конструктивен разговор, без присуство на медиуми и камери, во директен и личен контакт да се направи обид да се најде заеднички јазик, не решение – зашто тоа е работа на парламентот, туку заеднички јазик за што е можно поблизок пристап за однапред договорени теми“, изјави Вајгл.
Планот е овие средби да почнат на крајот на годинава или на почетокот на наредната.
По првите 4 месеци на новата влада, проценките на Вајгл се дека земјата се движи во добар правец и дека Брисел ја перципира не како проблем во регионот, туку како сериозен претендент за членство во ЕУ. Дали ваквата состојба ЕУ ќе ја награди со датум за старт на преговори Вајгл не може со сигурност да каже, но се надева дека таков чекор наскоро ќе биде преземен.
Известувачот во ЕП за Македонија очекува поконструктивна улога на Грција, но и влијание од останатите земји-членки за Атина да попушти.
„Мислам дека треба да се преговара и односите треба да се градат прагматично и ми се чини дека владата на г-дин Заев и министерот за надворешни работи Димитров тргна по добар пат, дека ги омекна проблемите. Еден од евидентните докази и достигнувања е Договорот со Бугарија, но имам впечаток дека и во Грција работите полека се менуваат и дека се менува дускурсот“, вели Вајгл во интервјуто за „360 Степени“.
За т.н. реформатори во ВМРО-ДПМНЕ со кои се сретна во Брисел, словенечкиот европратеник има добро мислење – дека станува збор за добронамерни луѓе, кои носат свежи идеи и свежи гледишта. „Особено ми импонираше како тие ја гледаат својата можна улога, односно улогата на напредно, реформирано ВМРО во внатрешната политика, како партнер, како некој што соработува со владата за заедничките задачи, за добро на државата и на народот и кој, исто така, ја застапува политиката на отвореност кон сите соседи“, изјави Вајгл.
Напишете коментар