Финансиската помош, како што информира Европската комисија, ќе дојде во форма на заеми кои ќе се исплатат во две транши, а истите би биле условени со спроведување на политичките мерки кои треба да се договорат меѓу Северна Македонија и ЕУ со Меморандум за разбирање
Во 2020 година ЕК усвои предлог за пакет макрофинансиска помош од три милијарди евра за неколку земји, со цел за да им помогне во справување со последиците од ковид-пандемијата. Како дел од овој пакет, ЕУ договори макрофинансиска помош од 160 милиони евра за Северна Македонија
Со цел успешно справување на предизвиците со кои се соочува, но и за успешно спроведување на реформите со кои ќе се забрза евроинтеграцијата на земјава, Европската комисија (ЕК) денеска предложи да се обезбедат до 100 милиони евра макрофинансиска помош за Северна Македонија.
Ваквата информација денеска ја сооштија од Владата и од ЕК, од каде што посочија дека помошта од ЕУ ќе придонесе за покривање на финансиските потреби на земјава во тековната, но и во следната година, притоа поддржувајќи ги фискалната одржливост и структурните реформи во Северна Македонија.
Финансиската помош, како што информира Европската комисија, ќе дојде во форма на заеми кои ќе се исплатат во две транши, а тие би биле условени со спроведување на политичките мерки кои треба да се договорат меѓу Северна Македонија и ЕУ со Меморандум за разбирање.
„Меморандумот за разбирање најверојатно ќе се фокусира на реформите на политиките во областите на фискалното управување, даночната политика, управувањето со јавните инвестиции, јавно-приватните партнерства, деловното опкружување, транспарентноста во државната помош, енергетската ефикасност, реформите во судството и борбата против корупција“,
наведуваат од Еврпската комисија, и додаваат дека ваквите реформи ќе ја поддржат земјава на нејзиниот евроинтеграциски пат.
Шефицата на ЕК, Урсула фон дер Лајен, по тој повод изјави дека во овие предизвикувачки времиња Европската Унија стои зад Северна Македонија.
„Ние стоиме покрај Северна Македонија во овие предизвикувачки времиња. Денеска предлагаме до 100 милиони евра макрофинансиска помош за поддршка на економијата на земјата, придонесувајќи за покривање на нејзините финансиски потреби во следните две години“,
изјави Фон дер Лајен.
Предлогот на ЕК за финансиска помош за земјава сега мора да биде разгледан и усвоен од страна на Европскиот парламент и од Советот на Европа, а откако ќе се усвои, предлогот ќе стапи на сила.
„Откако ќе биде усвоен, предлогот ќе стапи на сила и ќе може да следуваат трансакции под услов да се исполнат условите за политика, кои ќе бидат утврдени во Меморандумот за разбирање меѓу Северна Македонија и ЕУ“,
се додава во соопштението од ЕК.
На 22 април 2020 година, Комисијата усвои предлог за пакет макрофинансиска помош од 3 милијарди евра за неколку земји, со цел да им помогне да ги ограничат економските последици од пандемијата на коронавирусот. Одлуката беше усвоена од Европскиот парламент и од Советот на ЕУ на 25 мај 2020 година.
Како дел од овој пакет, ЕУ договори макрофинансиска помош од 160 милиони евра за Северна Македонија. Првите 80 милиони евра беа исплатени во октомври 2020 година, а втората рата од 80 милиони евра беше исплатена во јуни 2021 година, по позитивната оценка од Комисијата за напредокот постигнат во однос на исполнувањето на условите на политиката поврзани со оваа помош.