Според обвинителот, постоела опасност таа да биде киднапирана од тајни агенти од Катар, вели нејзиниот адвокат во изјава за грчките медиуми
Судот во Белгија денеска одлучи европратеничката од Грција, Ева Каили (44) да биде во притвор уште еден месец. Поранешната потпретседателка на Европскиот парламент е осомничена дека била во центарот на еден од најголемите корупциски скандали во седиштето на ЕУ.
Сепак, по рочиштето, судот соопшти дека го „продолжува притворот“ за уште еден месец.
„Според обвинителот, постоела опасност таа да биде киднапирана од тајни агенти од Катар. За Каили сè уште нема докази за перење пари ниту за членство во криминална организација. Станува збор за политичка одлука“,
изјави за грчки медиуми нејзиниот адвокат Михалис Димитракопулос.
Адвокатите барале „домашен притвор без никакви електронски уреди, само фиксен телефон што ќе го следи полицијата со нејзина согласност бидејќи единствено што сака е да биде со детето“.
Адвокатите на Каили сега имаат рок 24 часа да ја обжалат таа одлука и доколку одлучат да го сторат тоа, европратеничката ќе се појави пред Апелациски суд во Брисел во рок од 15 дена.
Таа е во притвор од 9 декември и е една од четворицата осомничени за примање мито, во скандалот поврзан со лобирање за Катар. Во акцијата беше приведен и нејзиниот партнер Франческо Џорџи, советник во Европскиот парламент. Приведените се осомничени дека влијаеле на одлуките на Европскиот парламент во корист на домаќинот на Светското првенство Катар во замена за пари и подароци.
Каили беше и на функцијата потпретседателка на ЕП, но по избивањето на скандалот веднаш беше разрешена, а социјалистите и демократите ја исклучија од пратеничката група. Истото го направи и нејзината матична партија во Грција, ПАСОК – Движење на промената.